Новинарите во Македонската радио-телевизија се изложени на жесток притисок од уредниците и од менаџментот, а има и разрешени од уреднички позиции, преместени на други работни места без образложение, како и казнети со 30 отсто од плата.
За ова пишува „Вест“, повикувајќи се на Здружението на новинари, каде тројца новинари веќе се пожалиле и до ЗНМ доставиле целосна документација за дисциплинските постапки кои се воделе за нив.
– Колегите во МРТ тврдат дека неоснованите дисциплински постапки против нив имаат цел да ги замолчат и слепо да ја следат уредувачката политика. Има драконски и неосновани казни на платите до 30 проценти и преместувања од едно на друго работно место, не почитувајќи ја процедурата утврдена со законот, и без никакво образложение. Новинарите мораат секој ден да поднесат извештај како го потрошиле работното време од осум часа, со кого се виделе, што разговарале, за што пишувале и други слични детали – изјавил за весникот претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Според него, новинар е казнет три месеци по 30 отсто од плата, зашто побарал правда на суд, откако незаконски го разрешиле од уредничка позиција и го товарат дека бил психички растроен и дрзок кон уредниците.
– Друг новинар вели дека против него е поднесено барање за дисциплинска поради вербален напад врз уредник и нарушување на угледот на МРТ, а негов грев е што на годишното собрание на ЗНМ имал критички став кон работата на јавниот сервис. Во меѓувреме е преместен на друго работно место. Уредник доби предупредување пред разрешување зашто три минути задоцнил на колегиум – објаснува Селмани.
Од МРТ одговараат дека од примената на Законот за јавните службеници во јавниот сервис, од септември 2012 година до мај годинава, се поведени вкупно 43 дисциплински постапки.
За состојбата со наводните притисоци врз новинарите во МРТ се очекува наскоро да разговара и Советот на Македонската радио-телевизија.
Vest