Американската унија за граѓански слободи, една од водечките организации за заштита на уставните права на граѓаните во САД, ја тужи американската влада поради прислушкувањето телефонски разговори, е-маилови и други електронски комуникации на милиони Американци, како и на други луѓе ширум светот.
Во тужбата се бара владата да ја запре програмата за следење, затоа што тоа, според Унијата, е прекршување на правото на здружување и на приватност.
Тужбата следи по неодамнешното јавно признание од Едвард Сноуден кој тврди дека Националната агенција за безбедност собирала податоци за телефонските повици и интернет комуникацијата од компании како што се Веризон, Гугл и Фејсбук.
Американските разузнавачки власти вчера ги информираа конгресмените за надзорот, образложувајќи дека тоа е неопходно за да се заштитат Американците и тврдејќи дека со тоа не се прекршуваат правата на приватност.