Од викендов пивото во маркетите се продава со нови цени за 10% повисоки. Како резултат на поголемите акцизи кои важат од 13 месецов, во сите малопродажни објекти цените на пивата од сите пиварници се за 3 до 8 денари поскапи. Повисока цена имаат пивата на Скопска, Прилепска и Битолска пивара. Според информациите од маркетите од викендов новите доставени количини на пиво се доставени со нов ценовник, пишува Вечер
Повисоките цени на пивото ги потврдуваат и од пиварниците каде што велат дека нагорната корекција беше најавена и очекувана согласно новите повисоки акцизи што ги наложи Владата.
Генералниот директор на Скопска Пивара, Јаак Микел уште пред еден месеци изјави дека ќе ги зголемат цените на пивото како резултат на зголемувањето на акцизите.
– Секое зголемување на акцизите повлекува и зголемување на цената на производите. Па така, може да очекува дека цената на пивото ќе се зголеми. А секако кога се зголемува цената на пивото или било кој друг производ тоа влијае на потрошувачката, односно на побарувачката на тој производ. Многу е рано да се каже какво ќе биде тоа влијание од овој чекор, но секако дека ќе има влијание. Ја известивме Владата за нашата позиција, свесни сме дека тоа е веќе одлучено, но се надеваме дека ќе можеме да продолжиме со дијалогот со Владата за да овозможиме раст на индустријата на производство на пиво во земјата – изјави тогаш Јаак Микел.