За 100 евра планина и езеро – не е само Охрид во Македонија место за одмор


Шапка, Пелистер, Берово, Галичник и Стење. Ова се петте места во Македонија што ви ги препорачуваме за викендот. Можеби не се најпопуларните локации за во лето, но сигурно има што да понудат.

„Телеграф.мк“ одбра дестинации каде што еден викенд за двајца или за тројца луѓе може да се истера за сума од околу 100 евра, заедно со патните трошоци до самата локација и, се разбира, без луксузирање.

Попова Шапка (Фото:sphotos-b.xx.fbcdn.net)Попова Шапка

На највисоката планина во Македонија – Шара, односно на Попова Шапка, и налето работат повеќе хотели во кои може да престојувате, а цените се од 700 денари ноќевање со појадок во четирикреветна соба, 900 денари ноќевање со појадок во трокреветна соба, до 1.500 денари полн пансион за едно лице во двокреветна соба. За деца до 12 години има 30% попуст.

На врвот Пелистер, над Битола, каде што „шушка молика“, за викенд-тура од две ноќевања, спиење со појадок чини 1.290 денари, полупансион – 1.410 денари, а полн пансион 1.530 денари за лице.

Шума на Пелистер (Фото:викимедиа.орг)

И таму за деца до 12 години даваат 30% попуст.Од вработените туристички работници на Пелистер дознаваме дека и таму нема организирани прошетки со водич, ниту пак во моментов може да се понуди екскурзија до двете езера Пелистерски Очи, кои се навистина атрактивна глетка за вљубениците во планинските убавини.

Причината за ова е што локацијата е прилично оддалечена и не е достапна без теренски возила, а единствениот хотел таму во моментов не располага со нив.

Берово малку поевтино

Во Берово цените за хотелско сместување се нешто пониски отколку на Шара и на Пелистер.

Берово (Фото:сивес.мк)

Ноќевање со појадок во хотел почнува од 19 евра за лице во трокреветна соба, 20 евра за лице во двокреветна соба, а цените за сместување во викенд-вилите се пониски.

Таму едно тричлено семејство може да го помине викендот во апартман со сопствени бања и кујна за 2.400 денари, односно за 1.200 денари од ноќевање во трокреветна соба.

Двајца, во вилите во Берово, можат да се одморат за вкупно 1.000 денари за едно ноќевање, или 2.000 денари за два дена, во двокреветна соба, со заедничка кујна. Ако е поголемо друштво или неколку фамилии заеднички букираат една викенд-вила, тогаш престојот може да им дојде и поевтин.

Стење (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Селото Стење, пак, на Преспанското Езеро, е посебна приказна. Ем на вода ем на чист воздух, оваа локација е идеална за оние што не се многу по пешачењето, но сакаат да се одмораат покрај вода, да јадат риба и леб од фурна, да рибарат во тишина и да ја доживеат авантурата на змискиот остров Голем Град.

Селото има еден мотел и повеќе сместувачки капацитети во приватни куќи. Во мотелот ноќевање со појадок чини 900 денари, полупансион 1.150 денари, а полн пансион 1.250 денари.

Во ова селце на Преспанското Езеро може да пробате автентичен крап и белвица, како и локалниот рибен специјалитет циронки (сушена риба).

За оние што сакаат да го посетат Голем Град, од Стење треба да се упатат до соседното село Коњско, кое е на растојание од 8 километри. Потоа, оттаму за 20 евра можат да најмат чамец, кој ќе ги превезе (6-8 луѓе) до змискиот остров и назад.

Галичник (Фото: Викимедиа.орг)

На Галичник, полупансион во хотелско сместување за едно лице во двокреветна соба за време на манифестацијата чини 60 евра. Во оваа цена се вклучени традиционални галички оброци, со качамак, пита, овчо сирење, јагнешко месо итн.

Во обични денови цените за сместување во хотел во Галичник се движат од 700 денари за полупансион за лице во соба со заедничка бања до 900 денари за лице за полупансион во апартман со сопствена бања.

Туристите што го посетуваат Галичник имаат можност да прошетаат и до Лазарополе, да гледаат стадо диви коњи во галоп или, пак, да јаваат на коњ, кој ќе го изнајмат.

http://www.telegraf.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1