Седумдесет-годишната Германка Хајдимари Швермер од Дортмунд, веќе 16 години живее без пари, дом и кредити. Таа патува низ светот со својот имот кој го собира во само еден куфер, а преживува разменувајќи роба и услуги.
Оваа Германка напишала и книга за својот живот, а исто така за нејзе е снимен и документарниот филм „Живеење без пари“.
Инаку, се’ започнало пред околу дваесет години кога одлучила да ја напушти дотогашната работа како физиотерапевт и да живее без пари. Денес, животот на оваа Германка без плата, дом и кредити и е сосема вообичаен. Живее во различни градови, односно патува од град во град барајќи работа, а станарината ја отплаќа работејќи во домаќинствата кои ја прифаќаат. Во свет во кој парите се мерка за се’, на почетокот на Хајдимари Швермер воопшто не и било едноставно – открила таа во разговорот со Business Insider.
Се откажувала четири пати
Во текот на Втората светска војна нејзиното семејство побегнало од Берлин. Татко и поседувал работилница за пржење кафе и работата му одела добро, па затоа семејството имало и дадилка и градинар. Иако во војната се било уништено, подоцна ја обновиле работилницата и повторно станале моќни. Швермер ја нервирало тоа што цел живот морале да се правдаат пред некој, без разлика дали се богати или сиромашни.
Со текот на времето почнале да ја окупираат и фасцинираат мисли за живот без пари. Првиот чекор што го преземала оваа поранешна физиотерапевтка било основањето на здружение за размена во Германија во 1944-тата година. Здружението делувало на локално ниво така што населението можело да разменува услуги како чување на деца или чистење на куќи во замена за материјални добра.
Без пари се обидувала да живее најмалку четири пати иако на почетокот не и одело баш од рака. Кога еден пријател и понудил работа три месеци да чува куќа, таа конечно одлучила да го продаде својот стан и ги зачувала само најосновните работи кои можело да ги собере во еден куфер. Тоа требало да биде само експеримент од 12 месеци, но се претворил во начин на живот во кој оваа Германка ужива веќе 16 години.
Нов начин на живот
„Не сакав да се вратам на стариот начин на живот“ – вели Швермер.
Семејството и пријателите на почетокот биле скептични околу нејзините идеи и необичниот начин на живот, но сега се горди на неа.
Хајдимари Швермер се разделила од својот прв и единствен сопруг пред 40 години. Од тој брак има две деца и три внуци. Иако навлегла во седумдесеттите години од животот, таа не го успорила ритамот, а заработената пензија ја поклонува. Во замена за материјални добра, на фамилиите кои ја примаат во домовите им ги оддржува градините и извршува различни домашни работи, како чистење и слично.
„Гледам многу чуда во секојдневниот живот. На пример, најпрво пронаоѓам храна. Размислувам за некои работи и потоа ги пронаоѓам на улица или луѓето ми пристапуваат и ми ги подаруваат баш нив“, раскажува Германката.
Вечен патник
На едно исто место не се задржува многу, околу една недела, а потоа продолжува понатаму. Во моментот Швермер патува низ Европа за да го промовира документарецот за својот живот и парите кои и се потребни за билет за воз се единствените кои ги прифаќа.
„Јас сум нешто како аџија за мирот. Одам од куќа до куќа и ја делам својата филозофија“, вели Германката која додава дека некои нејзини пријатели се често исфрустрирани од нејзиниот начин на живот, но таа не се откажува. Досега одбила многу покани за подолг престој во некој дом, вклучувајќи го и постојаниот.
„Велам не бидејќи јас тоа не го можам. Чувствувам дека морам да продолжам понатаму. Мојата работа е секогаш да бидам во светот помеѓу луѓето“ – заклучува 70-годишната Хајдимари Швермер.