Студените канџи на смртта за навек ги прекинаа соништата на Дарко Аризанкоски (28) од Прилеп, младиот доктор кој наскоро требаше да се венча со својата сакана Мирјана Церевска од Тетово.
Ден по несреќата што се случи на магистралниот пат од Охрид кон Кичево, во која и таа беше повредена, со срце скршено од болка, во шок и страдање Мирјана допатува во Прилеп, во домот на својот сакан, да се поздрави уште еднаш, да се поклони пред одарот. Но, немаше сила да ја следи погребната поворка до гробиштата Песјобрдце, каде што вчера напладне беа погребани посмртните останки на прекрасното момче, дружељубив и секогаш коректен другар, пријател, беспрекорен син, воспитан човек и одговорен лекар, кој специјализирал ортопедија и трауматологија, со намера да им помага на луѓето.
Родителите на Дарко соочени со трагедијата, се скршени од болка и неизмерна тага. Таткото, актуелен началник на одделот за ортопедија и трауматологија во прилепската болница, д-р Златомир Аризанкоски, кој неодамна преживеа тежок мозочен удар, немо ја следеше погребната церемонија. Другарите и пријателите на Дарко Велат, беше редок човек, мирен, тивок и секогаш подготвен да му се најде на другарот, да му помогне на човека.