Брачниот пар Златко и Виолета Спасевски од струмичко Петралинци заработија потешки повреди откако џип „Опел фронтера“, кој се движел по патот Струмица-Берово, вчера вечерта завршил во дворот од нивната семејна куќа, каде двајцата собирале смет, објавува телевизијата Телма.
Очевидците раскажале дека во џипот удрил автомобил „Опел Вектра“ кој излегувал на главниот пат од крстосницата за селото Гечерлија, пренесува Телма. Џипот се превртел, ја скршил оградата од дворот и завршил пред куќата на брачниот пар. Најблиските, за Телма изјавиле дека сопружниците имаат сериозни повреди на главите. Златко бил пренесен на лекување во Скопје, додека неговата сопруга се опоравува во струмичката болница. Тие се надвор од животна опасност.
– Толку силен удар слушнавме и внучето ми вика:„Бабо кај нас нешто пукна“. Сите истрчавме и кога дојдовме тука што да видиме, на едната страна превртен џип, а тие беа тука, под оградата, раскажува мајката на повредениот Златко, Слободанка Спасевска за „Телма“.
Според жителите на Петралинци, низ селото се вози многу бргу иако брзината е ограничена. Тие велат дека сеуште чекаат да бидат поставени „лежечки полицајци“ на коловозот.
Ова е втора сообраќајка за два дена во селото Петралинци. Пред два дена со тешки телесни повреди се здоби мотоциклист, кој беше пренесен во скопскиот Клинички центар.