Во мариовското село Старавина, општина Новаци, од наредниот месец конечно ќе стартуваат најавените градежни работи за реставрација на старата куќа на македонската хероина Калеш Анѓа. Според градоначалникот на Новаци Лазар Котевски, парите кои се чекаа од Европската унија, а кои беа наменети за проектите со кои покрај куќата на Калеш Анѓа ќе се реконструираат и Воденицата, мостот во Зович и црквата Св. Димитрија” во Градешница, легнаа на сметка на општината, а деновиве ќе бидат распишани тендери за избор на изведувач, јавува Вечер.
Куќата на Калеш Анѓа според проектот ќе биде етномузеј, а ќе има и дел за сместување на туристите, што пак, ќе биде финансирано од општината. Предвидено е да се обноват и амбарот и старата фурна која се наоѓа во дворот.
Легендарниот мост којшто се наоѓа кај с. Зович е изграден во кањонот на Градешка Река. Поради својата убавина, уникатност и прекрасната природа беше употребен и за снимањето на филмовите на Милчо Манчевски.
За значењето на Калеш Анѓа зборува и фактот што таа е овековечена во романот на Стале Попов како синоним на македонската борба против потурчувањето. Куќата во која таа живеела е ѕидана од камен и од бела земја, автентичен за овој крај, но во моментот е запуштена и обрасната со плевел.