Во Македонија не постои официјална статистика за граѓаните што си ја смениле верата. Но, сепак ги има, а некои се јавни личност, пишува Република.
Две пратенички од македонскиот парламент, една поранешна и една сегашна се интересни за нашава тема. Актуелната пратеничка, Албанка, мошне експонирана во јавноста, е омажена за Турчин, кој не знае ниту збор Албански, а е муслиман, кој го практикувал исламот точно според Куранот. Тој сега се откажал од тоа и е секуларен муслиман како и неговата сопруга.
Поранешна пратеничка од ромска националност се омажи за Македонец и премина во православно христијанство. Ќерка на поранешен пејач Албанец во една рок група од осумдесеттите години, денес и самата пејачка, поради своето момче Македонец премина во православно христијанство. Истото го направи поранешна сопруга на познат македонски интелектуалец, родена како муслиманка конвертираше во христијанка.
Но, има и обратни процеси, особено кај Македонките, кои речиси сите што се мажат за муслимани ја прифаќаат исламската вера. Од нашето истражување, знаеме и за Македонец, професор по филозофија, кој преминал во ислам, како и за дипломиран историчар, кој ја прифатил оваа вера. Постојат и две брачни двојки Македонци во државните институти, кои преминале во ислам. Цело македонско семејство во Гостивар е под постојана заштита од Албанците затоа што прифатиле ислам откако мажот се вратил од САД, каде што се конвертирал во муслиман.