Италијанецот Фабрицио Педрони, сопственик на компанијата “Фирем“, додека работниците биле колективен одмор, направил несекојдневно суров чекор. Едноставно комплетно ја преселил фабриката во Полска.
На почетокот на овој месец ги испратил работниците на одмор со желба да уживаат во него. На работа требало да се вратат по три недели. Но, Педрони без никаква најава најмил работници кои ја демонтирале фабриката и машините ги транспортирале во Полска.
“Ако им кажев дека сакам да го преселам производството, работниците ќе ја заземеа фабриката. Сакав мојата фабрика да продолжи да работи, но во Италија тоа веќе не е возможно, истакнал Педрони.
Инаку фабриката веќе петта година работела со постојана загуба, а не постоеле шанси состојбата да тргне во нагорна линија. Преместувањето на производствените капацитети, според Педрони било единствениот спас да опстане компанијата, што тој ја наследил од дедо му.