За да се прехрани и да ги плати сметките, на едно семејство во јули му биле потребни 32 066 денари. Според пресметката на минималната синдикална кошница, најголем дел од парите или скоро 43% се трошат за исхрана и пијалаци, потоа речиси 32 отсто завршуваат за сметки ( 8000 денари месечно) додека на трето место според учеството се превозот и хигиената за кои вкупно завршуваат 14 проценти од парите, пишува Фактор.
Во споредба со јули 2012 та година, живеачката во јули годинава е поскапа за 1030 денари.
Според последните статистички податоци, лани секое семејство на годишно ниво располагало со 328 444 денари или на месечно ниво со по 27 370 денари, сума која, според мерењата на ССМ не може да ги задоволи основните месечни животни потреби на едно семејство.
И последниот извештај на Заводот за статистика покажува дека најголем дел од раположливите пари, или 38,3% завршуваат за исхрана, потоа следува домувањето, струјата и горивата за кои се трошат 14,4 отсто од парите а за отплата на кредити и заеми завршуваат 3,6 проценти.
Анкетата на статистичарите ( спроведена врз примерок од 2 919 демаќинства) покажала дека само 2,8% од семејствата можат во целост да ги задоволат основните животни потреби додека дури 25,1 отсто во воопшто не ги задоволуваат а скоро 40 % главно не можат да ги задоволат основните месечни животни потреби.
Дури 54,1 отсто од анкетираните сметаат дека им се потребни повеќе од 30 000 денари месечно за норамално да живеат.