Зелени глечери и лавини од чакал се само две страни на климатските промени. Ликот на Алпите се менува, а и животот на луѓето. Швајцарија мора да се престрои, инаку ќе заврши како голема губитничка, пишува DW.
„Да го напуштиш домот, кој всушност е заштитено место, и одеднаш токму таму да си во опасност, е навистина многу непријатно.“, вели една жителка на Хербриген.
Снимки од пред неколку дена. Наноси од камења и мраз во слободен пад. Тоа е можеби само почеток. При обилни дождови се заканува лавина од чакал, која би можела да ги затрупа куќите, како овие тука пред неколку години.
Да не дознаат туристите
Со растечките температури, растат и ризиците. Некои ја сметаат долината за буре барут. Тоа е последица на климатските промени.
Туристите овде горе воопшто не го забележуваат тоа. Барем засега не. Тие пропатувале половина свет за да уживаат во снегот. Барем еднаш во животот.
За илјадници Индијци и Кинези на тура низ Европа, глечерот Титлис е нешто што мора да се види. Многу од нив велат дека ако нема снег и мраз не би доаѓале тука. Патот до мразот води преку Енгелберг, две станици подолу. Мирно село во централна Швајцарија, кое живее од туристи; дневно ги има по три илјади.
Ветена им е забава во снег на глечерот Титлис во текот на целата година. Ветување со рок на траење. Истражувачот на глечери Андреас Баудер ни покажа фотографија од 70-тите години, снимена од ова место. Споредбата со денешната состојба покажува дека глечерот се топи: „Овој фронт од мраз од 10, 20 метри, ако не и повеќе, се наоѓал над карпата, каде сега веќе нема глечер. Тој сосема исчезна. Погоре, овој блок од мраз на фотографијава, денес само го насетуваме. Но, затоа се гледа дупка низ која се провира карпа. Глечеров нема да ја преживее втората половина од овој век.“ , вели Баудер.
Најдобро би било, ако е можно, туристите од Далечниот Исток да не дознаат за постепеното исчезнување на глечерот. Врз него и во пештерата тие се радуваат како мали деца на блескавите ледени кулиси.
Швајцарија мора да се престрои
За Петер Рајнле, директор за маркетинг на планинските железници, тоа е вносен бизнис. Но, на главната атракција и‘ се заканува да се истопи. Тој смисли трик: со систем за ладење поставен во страничен отвор, воздухот константно да се разладува на минус 7 Целзиусови степени.
„Ако во ладните ноќи можеме да направиме барем малку вештачки снег, тогаш глечерот е бел, сончевата светлост се рефлектира и така се спречува топењето.“, вели Рајнле.
Уреди за ладење во глечер, а врз него вештачки снег. И секогаш нови атракции, како што е највисокиот висечки мост на светот. Тоа би требало да привлече гости од Далечниот Исток дури и ако околината стане зелена.
Колку повеќе се топи мразот, толку побрзо се воведуваат нови занимливости на 3.000 метри височина. На крајот сето тоа нема многу да помогне – климатските промени го чинат регионот повеќе милиони франци и илјадници работни места.
Зелени глечери и лавини од чакал се само две страни на климатските промени. Ликот на Алпите се менува, а и животот на луѓето. Швајцарија мора да се престрои, инаку ќе заврши како голема губитничка.