Трагедија се случи во струмичкото село Просениково. Дваесет и петгодишната Билјана Божинова, мајка на три малолетни деца, вчера попладне го загуби животот во несреќен случај. Додека им помагала на сопругот и на деверот, кои уривале стар ѕид, тој се урнал врз неа.
Според полицијата, несреќата се случила околу пладне додека жената седела во семејната куќа заедно со сопругот М.Б. (30). Одеднаш ѕидот се урнал врз неа при што загинала на самото место.
Очевидци на несреќата велат дека сопругот на Билјана, деверот и двајца соселани сакале да го урнат последниот ѕид од старата семејна куќа. Откако го занишале, сметале дека тој ќе падне на спротивната страна од нив, но во критичниот момент тој се струполил на страната каде што што стоеле. Сите успеале да се тргнат навреме, но не и несреќната Билјана, која останала затрупана под остатоците од ѕидот.
„Откако падна ѕидот брат ми почна да лелека. Почнавме да ги растргнуваме остатоците и веднаш ја пронајдовме. Но, ништо! Таа не даваше знаци на живот. Целата беше во крв. Кога дојдоа лекарите само констатираа дека е мртва“, раскажува Живко Божинов, девер на загинатата Билјана.
Taa е мајка на три малолетни деца на возраст од пет, четири и две години. Посмртните останки на Божинова беа погребани денеска на селските гробишта во Просениково.