Откриено е досие со документи наводно напишани од Рудолф Хес, откако нацистичкиот лидер летал за Шкотска во 1941, и ќе бидат понудени на аукција во САД. Дали тие ќе фрлат каква било светлина врз бизарните дела на заменик фирерот, е тоа е друга приказна.
Пилотот на шпионскиот месершмит го шинал зглобот на ногата и се уште се отплеткувал од својот падобран кога, нешто пред полноќ на 10 мај 1941, бил откриен на полјана на фармата Флорс во Шкотска, од фармерот Дејвид Меклин. Се претставил како хауптман, или капетан, Алфред Хорн, но само неколку часа подоцна, откако фармерот го предал на локалната гарда, бил откриен неговиот вистински идентитет. Заробениот летач бил, всушност, Рудолф Хес, заменикот на фирерот во нацистичка Германија.
Од тој ден, има многу нејаснотии околу тоа што го натерало третиот по моќ човек да лета над Шкотска, што се надевал дека ќе постигне со оваа мисија, и дали работел на своја рака или имал поддршка од Адолф Хитлер, или пак му било дури и наредено од Хитлер да одлета за Британија. Сега сензационално откриените документи ќе фрлат светлина за летот на Хес. Во каталогот за аукцијата на 10 септември, американската аукциска куќа Александер хисторикал аукшнс од Мериленд, го нуди обемното досие со скоро 300 страни, за кое се знае дека Хес го напишал за време на неговото заробеништво во Велика Британија. Хес носел документ со црвен печат „најголема тајна“, кога бил пренесен во октомври 1945 од британско заробеништво на големото судење на воените криминалци во Нирнберг. Извадоци од еден од документите откриваат се најдоа објавени во евиденцијата на Меѓународниот воен трибунал, како и листа на останатите документи во досието. Но по судењето, исчезна сето досие.
Не постои можност од фалсификат
Тоа што досието кое сега се најде на аукција е идентично со исчезнатото досие на Хес, може да се докаже со споредување на содржината со записите од Нирнберг. Покрај ова, споредбата на ракописот со примероци земени од германската Федерална архива, изгледа ќе бидат пресудни за неможност за фалсификат.
Сепак, скорешната историја на досието е обвиено со мистерија. Според веб страната на аукцисата куќа, пред 20 години неименуван човек „примил анонимен телефонски повик од човек запознат со неговата работа. Му било речено следниот ден да оди на непозната локација, каде ќе му бидат оставени материјали со надеж дека ќе му користат за неговиот проект“.
Кој и да бил тој добротвор, бил многу дарежлив. Денес, вредноста на досието се проценува помеѓу 200.000 и 300.000 долари.
Хес помогна во востанувањето на култот на фирерот, но во 1941 излезе од милоста додека Хитлер се фокусираше на надворешната политика. Во обид да си ја поврати својата позиција, како и да му даде простор на нацистот за дишење во претстојната очекувана инвазија на Советскиот сојуз, Хес тргнал на неговиот промашен пат кон Шкотска.
Неговата намера била да стигне до Војводата од Хамилтон, кој бил одговорен за воздушната одбрана во јужна Шкотска, и за кого Хес погрешно верувал дека ќе сака да го смени британскиот премиер Винстон Черчил, и да воведе помека политика кон Германија.
„Погрешна во секој поглед“
Двајцата се сретнале на 11 мај 1941, во касарна на Хајленд лајт инфантри во Глазгов, и додека Хамилтон ја опишал средбата во детали, верзијата на Хес претходно била непозната. Но овој единствен документ, кој е составен дел од досието, сега е на продажба.
„Исто како и фирерот“, забелешал Хес, и Хамилтон ја сметал „војната помеѓу нашите две земји како погрешна во секој поглед“. Покрај тоа, „тешките жртви можат да влијаат лошо на двете страни, без притоа ништо да се постигне што и оддалеку е вредно да се жртвува“.
Тој признава дека за британската влада „било невозможно, заради причини од престиж, да се согласат на компромисната понуда од фирерот“ – а тоа се однесува на хитлеровиот „повик за мир“ од јули 1940 – без соодветна причина, и дека неговото доаѓање е токму таа причина. Неговите планови биле неверојатно наивни: дека британската влада јасно ќе се согласи да преговара по понудата на Хитлер.
„Војводата беше видливо потресен“, забележал Хес. „Но не можеше да биде разубеден од верувањето дека Германија стреми за доминација во светот“. Хамилтон пророчки рекол дека на Германија и следат тешки времиња. Сепак, тој ветил дека ќе извести „соодветни места“ и кралот.
Сфери на влијанија
Еден месец подоцна, откако накратко бил преместен од Лондонсата кула во силно обезбедуваната вила во Мичет плејс во Сари, на Хес му било дадена шанса да му го претстави својот предлог на лордот канцелар Лорд Симон. Неговото интервју – всушност тоа било монолог прекинат само со неколку прашања – траел три часа. Записот од разговорот во досието на Хес е ставен на 71 на машина исчукани страни, со бројни забелешки со ракописот на Хес, сите врзани и запечатени како нотарски документ.
Само на крајот од разговорот Хес признал дека дошол „без знаење“ на фирерот, и „без мандат“.
Тој ја повторил понудата дека Германија треба да има сфера на влијание – врз континентална Европа се до Урал – а Британија својата, имено нејзината империја. Но всушност сето она што Хес имал да го понуди биле мировни услови, долго откако Британците ја одбиле понудата. Неговиот обид пропаднал, и откако бил прогласен за виновен за злосторства против човештвото во Нирнберг, бил доживотно затворен, а потоа и извршил самоубиство во затворот Спандау во 1987, на возраст од 93 години.
На крајот, досето на Хес портретира еден крајно невротичен, самодеструктивен човек, чија мисија немала ниту најмала шанса да успее. Тој немал моќ да преговара и можел на Британците само да им понуди неприфатлив диктат за мир од Германија. Документот не открива никаква голема тајна. Наместо тоа, тоа едвај го потврдува она што го кажа британскиот историчар Дејвид Стенфорд пред една деценија – дека единствената мистерија која го обвива летот на Хес во Шкотска е зошто некој се уште би мислел дека е тоа мистерија.
Шпигел/Mia