Звонимир Николовски, кустос од Куманово, сега обвинет во случајот „Фаланга 2“, во дел од својот исказ што го даде пред судот, во петокот минатата недела, ја растајни мистеријата за целта на акцијата што пред две години се спроведуваше кај тунелот на Драмски Рид во Делчевско, под силно полициско обезбедување, пишува Нова Македонија.
– Тука е чиста ситуацијата. Се копаше оти таму наводно имало закопано нацистичко богатство. Но ништо не се пронајде. Работевме како и во претходните акции со дваесет и четиричасовна полициска асистенција и обезбедување – рече обвинетиот кустос.
Ова е можеби првпат официјално лице да соопшти дека на одреден локалитет се трагало по закопано богатство, под будното око на државните институции.
Расимбегов мост интересен за политичките структури
Злато и вредни артефакти низ годините се барале во Прилепско и на повеќе локации во регионот. Најинтересен е случајот кај Расимбегов мост на Црна Река, во Мариово, каде што повеќе политички структури во неколку наврати копале барајќи наводно богатство.
Легендата вели дека таму биле скриени два тони злато во прачки, сопственост на Отоманската банка во Битола.
– Се зборуваше дека турската војска кога заминувала од Македонија, по поразот во Балканските војни, го натоварила златото од Отоман банката од Битола и тргнала кон Турција. Патот водел преку Мариово. Наводно, генералот им наредил на војниците да го закопаат златото, да го забележат местото на карта и потоа ги убил сите што биле присутни. Заминал за Белгија и таму живеел. На наследниците им ја оставил картата – раскажува поранешен директор на прилепскиот музеј.
Наводно подоцна картата стигнала во рацете на државната безбедност, која во 1983 година побарала да се копа на местото.
– Од државна безбедност во 1983 година, кога бев директор на прилепскиот музеј, дојдоа со карта и побараа да копаме кај мостот. Копавме со булдожери под будното око на полицијата, но ништо не најдовме – вели историчарот на уметност.
Познавачите на состојбите велат дека во1996 година повторно се копало на местото под заштита на полицијата и на војската. Биле донесени машини, но потрагата била залудна. Наместо злато, било откриено метално буре, кое најверојатно било закопано при изградбата на мостот.
Копањето кај Суво Грло енигма и ден-денес
Во август 1994 година, повеќе од две недели екипи на АРМ под силно полициско обезбедување копале во близината на Суво Грло, село сместено на дваесетина километри од Штип, во правецот на Радовиш.
Речиси дваесет години подоцна во штипската јавност сѐ уште се актуелни верувањата дека тогаш војската и полицијата со тешка механизација барале закопано злато за кое се верувало дека во 1944 година го закопале германските војници што се повлекувале од Грција. Наредбата да се копа во Суво Грло наводно ја издал тогашниот државен врв, што уште повеќе ги подгрева шпекулациите дека овде се барало големо богатство.
Според тогашните изјави на жители на Суво Грло, пред да почнат ископувањата, на местото престојувале двајца германски државјани, кои наводно со себе носеле карти и фотоапарати и детално го скенирале теренот. Своето присуство тие го образложиле со приказната дека наводно трагаат по гробот на свој родина, за кого тврделе дека за време на Втората светска војна бил закопан овде.
Многу пред оваа случка штипјани масовно ги купувале старите еврејски куќи убедени дека во нив штипските Евреи го скриле семејното богатство пред нивната депортација во 1941 година.
НА БЕЛАСИЦА БОГАТСТВО БАРАЛЕ И СТРАНЦИ
Места што најчесто биле цел на трагачите по богатство се археолошките локалитети Цареви кули, Струмин гроб, старите турски гробишта, а доста интересна е и планината Беласица. Во нејзините пазуви наводно биле скриени два германски камиони со злато. Имено, војската на принцот Еуген за време на Втората светска војна се повлекувала од исток, преку селото Костурино, а златото го скрила во пештера.
И Куклишанци со години трагаат по богатство и наводно се во контакт со луѓе од Скопје што носат разни мапи за скриено богатство.
Пред десетина години едно германско семејство во шатор месец и пол престојувало во полето близу селото Владевци. Приказната е дека тие наводно дење ловеле пеперутки, а ноќе под шаторите ископувале злато. Највпечатлив настан во југоисточниот регион на земјава е оној од 1981 година, кога во стеблото на јаворот во центарот на Валандово беше извадено грне со златни лири, скриено уште од турско.
И тогаш полицијата асистираше при вадењето на златото.
Целата сторија прочитајте ја на – Нова Македонија