Се уште е во тек е акцијата на МВР, во која се приведуваат повеќе лица осомничени за кривичните дела „злупотреба на службената положба и овластување“ и „помагање“ за истото дело во случајот „Машинопромет“, изјави помошникот министер за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски.
За полицијата е се уште недостапен првоосомничениот Мирослав Шиповиќ, претседател на Управниот одбор на „Машинопромет“, кој ја извршува и функцијата претседател на Советот на општината Центар. Според извори од општината, Мирослав Шиповиќ моментално бил во посета кај неговиот син во Соединетите американски држави. Во полициската акција денеска бил уапсен и неговиот брат, сопственик на приватна фирма.
Приведените се на службен разговор во повеќе полициски станици.
Меѓу осомничените се неколку членови на Управниот одбор и на Надзорниот одбор на АД „Машинопромет“: Трпче Трпчевски, Стојан Момировски, Ванчо Димитровски, Вера Видинова, службени лица од Управата за јавни приходи, меѓу кои Елена Јанева Димова, Сузана Пашоска и Миле Клинчаров. Од фирмата „Интеркомерц“ и „Ин-ком“ од Штип приведени се Слободанчо Георгиев и Сузана Георгиева, од „Би- Метали“ – Штип Стојанчо Костадинов и од „Сиком“ – Скопје – Ненад Шиповиќ.
Дел од приведените се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, додека останатите лица за кои МВР има информации дека се инволвирани во случајот се товарат за помагање во врска со истото кривично дело.