Радмила Шеќеринска се огласи по повод апсењето и акцијата „Претседавач“ – еве ја интегралната изјава
Почитувани,
Граѓаните во една скопска општина и кажаа НЕ на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци, но власта е глува.
Пробаа да ја освојат општина Центар со Пустец. Не успеаа.
Пробаа да ја заземат со лажни протести и каменување на зградата. Не успеаа.
Пробаа да ја преземат општина Центар со петмесечна опсада и притисоци од сите државни институции. Пробаа да купат и да уценуваат советници. Не успеаа.
Тоа што не им успеа со Пустец, сега сакаат да го спроведат со полиција: да ја преземат општина Центар и да ја погазат волјата на нејзините граѓаните.
Она што вчера го најавивме, денес со своите изјави го потврди токму ВМРО-ДПМНЕ. Дека спектакуларните најави за апсење и хајката кон претседавачот на Советот на Општина Центар се со една и единствена цел: да се прекрои мнозинството во Центар, да се прекрои составот на советниците и да се земе власта која граѓаните им ја одземаа.
Два аргументи најмалку дека зад хајките стои политиката, а не правото се следните:
Прво, не е случајно што името на полициската операција е „претседавач„ – тоа покажува дека целта била Шиповиќ токму како претседавач на Советот.
Второ, дали се сеќавате на поранешниот градоначалник на Старо Нагоричане поддржан од ДПМНЕ? Прегази човек, уби човек – ама за него немаше ни притвор. Беше градоначалник, го истера мандатот, потоа истата партија го постави и за директор. Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за тоа дека законите важат за сите – го заборава ли ваквите, еден од многуте епизоди?
СДСМ никогаш не бил ниту ќе биде суд. Ама, суд не е, ниту смее да биде ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту МВР.
Ние нема да ги дозволиме ваквите тенденции во кои една партија, едно министерство, една институција, се претвара во суд со неограничена власт.
Институциите нека продолжат со истрагата за „Машинопромет„, но притворот за Шиповиќ не смее да биде мерка и инструмент за прекројување на мнозинството во Општина Центар. За да докажат дека целта не им била претседавачот на Советот на Општина Центар ги повикуваме институциите предводени од ВМРО-ДПМНЕ да овозможат Шиповиќ да се брани од слобода.
Еден по еден можете да ги апсите нашите советници – еден по еден може да не апсите сите нас, но нема да го спречите објавувањето на еден по еден од документите кои го покажуваат криминалот и корупцијата во Општина Центар особено онаа поврзана со Скопје 2014.
Еден по еден да не апсите – нема да не замолчите и да не запрете да зборуваме за милионите кои се слеаа во некои приватни џебови.