На првиот ден од грејната сезона без парно останаа околу 200 државни институции, банки, министерства, градинки, училишта, лекарски ординации, станбени објекти за домување, но и Архиепископијата. На сајтот на дистрибутивната компанија за топлинска енергија која е дел од групацијата Балкан енерџи груп” (БЕГ), објавени се податоците во кој реон од градот се лоцирани објектите што на стартот од грејната сезона не добија топлинска енергија, пренесува Вечер.
Како што информираат од компанијата причина за тоа е немањето на довод на електрична енергија до топлинските станици, течење на внатрешната инсталација, немање адекватен пристап до грејните тела или станицата, како и затворање на вентилот заради барање на сопственикот на објектот.
Утрото со ладни радијатори го дочекаа и свештените лица од Архиепископијата, а причината се лоцира во течење на внатрешната инсталација. Во централното градско подрачје од истите причини без парно беше и Халк банка, а Генералштабот на РМ не доби топлинска енергија по негово барање, за како што велат од енергетската компанија средување на внатрешната инсталација. Во овој централен регион на градот и зградата на Работничкиот универзитет остана без топлина, но и Советот за радиодифузија, Уни банка на улицата Максим Горки”, Ристиќевата палата, Техномаркет и Фондот за здравство. На нивно барање немаше парно во Охридска банка лоцирана на улицата Даме Груев”, а во Факултетот за физичка култура е регистрирано течење во топлинската станица.
Во западниот дел градот каде потрошувачите ги опслужува топланата Запад” без топлинска енергија учеа учениците од ОУ Кочо Рацин” и Вера Циривири-Трена”, студентите на техничкиот и машинскиот факултет и детската градинка Распеана младостт. И кај нив е забележано течење на внатрешната инсталација. Во слична состојба се најде и објектот на Тутунска банка лоциран на булеварот Партизански одреди”, ЗОО градина, Стопанска банка лоцирана во Ѓорче Петров, како и поликлиниката Букурешт” каде исто така имало проблеми со внатрешната инсталација.
Најмалку објекти останаа без греење во реонот на топланата Исток”, а меѓу нив се ПМФ и детската градинка “Срничка”.
Во главниот град БЕГ снабдува со топлинска енергија околу 45.000 потрошувачи, а за среќа повеќето од нив утрото го дочекаа со млаки радијатори.