Св. Петка ги чува луѓето од суши и поплави и од други несреќи


Иако ја викаат Црна света Петка, луѓето веруваат дека оваа светица ги штити од разни несреќи, но и од многу болести. Поради тоа, народот ја нарекува уште и мајка Параскева.

Православните верници викендов ќе ја прославуваат света Петка. Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква.

sv petka– Ова е мрсна слава – за гостите се подготвуваат мрсни јадења. Наутро, на 27 октомври, член на семејството оди во црква, носи вино, пченица и лепче, кое се крши и се осветува. Потоа лепчето и пченицата се носат дома и се даваат на другите од семејството. Ако никој не отиде во црква, може и попот да го посети домот и обичаите дома да се направат. Гостите доаѓаат два дена. Обично подготвуваме сарма, печено свинско месо, колачиња. Некои семејства готват и свински гулаш – вели тетовката Габриела Стојановска.

Kултот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води. Петковден како домашна слава се празнува со служби посветени на св. Петка, а го празнуваат голем број македонски семејства.

На Петковден именден слават Петко, Петкана, Параскева, Пенка.

Во Скопје на св. Петка ~ се посветена црквата во долниот дел на населбата Црниче. Оваа црква секој ден ја посетуваат многу верници, но е преполна кога се прославува празникот посветен на патронката.

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува утре. Сите три името го добиле бидејќи биле родени во петок кога (пред христијанството) Евреите се подготвувале да го одбележат празникот и неработен ден – сабота. Уште од тоа време Параскева значи подготовка.

Според житието на св. Петка Епиватска, таа е родена во Епиват во Тракија, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на 10 век. Нејзините родители биле од словенско потекло, побожни луѓе, па така ги одгледувале и своите деца. Параскева била многу мала кога покажувала интерес за монашкиот живот. Имала брат Ефтимие, кој подоцна станал епископ мадитски.

Параскева живеела со своите родители до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, па во јорданската пустина (денешен Израел) каде што живеела во пост и во молитва до староста. Се вратила во родниот Епиват каде што по две години се упоколила, според житието, во 11 век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во романскиот град Јаши.

Во Македонија култот кон света Петка особено бил раширен во Мариово. Населението верува дека св. Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.

Има уште два празника посветени на св. Петка – Преподобна маченичка Петка (Римјанка) која се слави на 8 август, и Преподобна маченичка Петка (Икониска), која се одбележува на 10 ноември. Денешната се нарекува и Црна света Пека бидејќи светицата секогаш била облечена во црно.

Dnevnik

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1