Тијана Дапчевиќ со песната насловена “Победа” ќе типува на победа следната година во Данска на 59 Евровизија, што ќе се одржи од 6 до 10 мај. Македонката со српска адреса ексклузивно за ВЕЧЕР го откри насловот на нумерата со која ќе не претставува на ова најголемо европско музичко натпреварување.
“Насловот на песната е “Победа” и секако дека типувам Евровизија следната година да ја донесам тука”, вели Тијана за весникот.
Пејачката, а од неодамна и актерка, открива дека изборот паднал на брза, динамична песна.
“Мислам дека сум на добар пат кога е во прашање изборот на евровизиската песна, веќе ја имам и одбрано. Знам со сигурност дека ќе се пее на македонски, македонски е авторот и ќе има многу добра журка на сцената во Копенхаген. Песната ќе биде динамична за да ја следни мојата енергија, можам и балада да отпеам, но не е тоа тоа”, вели таа и додава дека иако ќе пее на нејзиниот мајчин јазик смета дека ќе допре до европската публика затоа што музиката нема граници.