Ниту зголемениот број семафори на булеварот Партизански одреди не помага да се намалат уличните трки. Нѐ будат од сон, се вадиме од памет. Еве вчера, околу три часот, силна бучава од мотори нѐ разбуди. Мислевме којзнае што се случило, раскажуваат жители од овој дел на Скопје, кои веќе години наназад немаат мир од учесниците на нелегалните улични трки, пишува Нова Македонија.
Полицајците редовно вршат контроли по пријави на граѓаните, но попусто затоа што сѐ додека тркачите не бидат фатени на дело, полицијата не може да преземе никакви мерки против нив.
ТРКАЧИТЕ СЕКОГАШ ЧЕКОР ПРЕД ПОЛИЦАЈЦИТЕ
Ниту жителите на булеварите Словенија и Босна и Херцеговина немаат мирни викенди.
– Колку што се понови булеварите, улиците толку се зголемуваа бројот на раноутринските трки. Досега не сме виделе некој да преземе нешто, иако тркачите им ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот – сведочи жител на скопската населба Бутел.
Од секторот за внатрешни работи (СВР) во Скопје велат дека со градењето и со обновувањето на сообраќајниците во Скопје пријави речиси нема, но и ако ги има, тие секогаш излегле на местото на настанот.
– Проблемот со нелегалните тркачи е тоа што за да бидат санкционирани полицијата мора да ги затекне на самото место и сето тоа да биде констатирано во записник. А тоа е многу тешко – вели Лиза Бендевска, портпаролка на СВР-Скопје.
Најчесто трките се организираат на места и во период кога полицијата тешко може да направи увид, за да не ги уапси организаторите и учесниците. Најчесто тоа се булеварот 8 Септември во Карпош кај хотелот „Александар палас“, Партизански одреди, Јане Сандански во Аеродром и Ново Лисиче, излезот од Скопје кон Велес, а понекогаш и улицата Првомајска во Кисела Вода. Во последно време трки се организираат и на скопската обиколница, сведочи скопјанец, кој се претставува како Бавен тркач.
Треба да имаш некој твој што ќе те информира. Ретко можеш да ги начекаш ако не знаеш кај да ги бараш – вели Бавен тркач.
Според законските одредби, учесниците во нелегалните трки може да бидат казнети за бучава од 200 до 500 евра, за засилување моторни уреди до 200 евра, нагло стартување возило со чкрипење 45 евра или за возење без регистарски таблички 100 евра. Ако при изведувањето на трките дојде до повреда на возачот или друго лице, според Кривичниот закон, тоа се смета за загрозување на безбедноста во сообраќајот, за што следува кривична пријава.
Повеќе на Нова Македонија