Арменд Фазлиу, обвинет за предизвикување на пожарот во „Македонска пошта“ во јануари лани, ќе се брани од слобода. Kривичниот суд во Скопје го ослободи Фазлиу од куќен притвор. Судот му ја одзел патната исправа и му наложил двапати неделно да се јавува во судот, јавува Дневник.
Фазлиу е обвинет за тешко кривично дело против општата сигурност. На првото рочиште, кое се одржа минатата недела, првообвинетиот тврдеше дека е невин. Вештачењето утврдило дека пожарот почнал во неговата канцеларија, а бил предизвикан од вжарено тело, најверојатно цигара. Следниот главен претрес за овој процес е закажан за 7 февруари.
Штетата се проценува на околу 100.000 евра, но во оваа сума не е влезено уништувањето на муралот на Борко Лазески, чија вредност треба дополнително да се утврди. На судењето се откри и дека осигурителната компанија не ја исплатила штетата што била предизвикана од пожарот.