Теодосија Јанкулоски е најстариот младоженец во Македонија. Тој деновиве стапи во брак со Стојмирка Сиљаноска во матичното одделение во село Самоков, пишува Нова Македонија.
Младоженецот е роден во 1923 година и пролетва наполни 91 година, додека Стојмирка е 20 години помлада и таа летово ќе наполни 71 година. И двајцата зад себе имаат по еден брак и возрасни деца од претходните бракови..
-Многу сум среќен поради овој чин, бидејќи нашата заедничка живеачка конечно ја крунисавме со брак – рече младоженецот Теодосија.
Чинот на склопување на бракот на највозрасните брачни другари, го изврши советникот при ЕЛС Македонски Брод, Борис Милески,кој им посака уште долги години да бидат заедно, многу здравје и среќа во заедничкиот живот.
Семејството Јанкулоски живее во село Брест, Општина Македонски Брод.