Во салата на домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, вечерва по 20:15 часот, 15 изведувачи ќе се борат за влез во финале.
Само деветмина од нив ќе влезат, и со тоа ќе се борат во сабота за наградниот фонд од 20.000, 15.000 и 10.000 евра.
На сцнета ќе има двајца водители, бидејќи со досегашниот водител Вера Јанковиќ не нашле заеднички јазик. Водители на “Макфест” ќе бидат Марјана Станојковска и Димитар Андоновски, по 14 години водителство на Вера Јанковиќ.
МТВ, на првата програма, ќе врши директен пренос од сите три вечери, во 20.30 часот.
. Што се однесува до ревискиот оркестар, уметничкиот директор Оливер Арсовски кажа дека се функционира во ред, додека техничкиот директор Трајче Јованов напомена дека сцената и аудио-визуелниот сегмент е под контрола.
Првата полуфинална вечер ќе ја отвори Јоце Панов, а ќе настапат: Александар Белов, Мики Секуловски, Бојан Стојков, Александра Јанева, Кристина Костовска, Симона Поповска, Дарко Илиевски, Искра Трпева-Арсовска, Маја Вукичевиќ, Лидија Кочовска, Викторија Лоба, Наде Талевска и Лена Заткоска. Во втората полуфинална вечер настапуваат: Сара Мејс, Дејан Тасев, Елвир Мекиќ, Филип Јордановски, “Нокаут”, Миле Кузмановски, Горан Наумовски, Наташа Малинкова, Кристијан Мицев, Мартинијан Кириловски, Александар Тарабунов, Тамара Тодевска, Влатко Илиевски, Биба Додева и Роберто Поп Димитров.
За прв пат фестивалот ќе се одржи комплетно во живо, со оркестар.
Драган Мијалковски, Даниел Кајмакоски и Калиопи ќе бидат гости во ревијалните вечери. Тие ќе настапат за време на гласањето во двете полуфинални и финалната вечер, со полчасовно шоу. Драган Мијалковски ќе настапи вечерва. Победникот на “Икс фактор”, Даниел Кајмакоски, ќе има свое шоу утревечер, а поп-ѕвездата Калиопи в саботата, во финалето.
Годинава ќе се гласа исклучиво со телевоутинг и една СМС-порака ќе значи еден глас. Цената на една СМС-порака е 10 денари, а средствата собрани ќе бидат наменети за помош на поплавените во Србија и во Босна.