Финалистите на регионалното издание на мегапопуларното музичко шоу „Икс Фактор“ вечер ќе одржат концерт пред македонската публика во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Младите финалисти најавуваат сензационален концерт, чиј почеток е закажан во 21 часот, додека влезот за посетителите ќе биде отворен во 20 часот.
– На концертот во Скопје, голема чест е за мене што како домаќин ќе можам да ги угостам сите овие талентирани млади луѓе. Ние бевме и во Босна, во Бања Лука и атмосферата секаде беше одлична, но сигурен сум и убеден дека во Скопје во сабота ќе биде феноменално, изјави Даниел Кајмакоски.
Покрај Даниел Кајмакоски, изведувачите кои ќе ги видиме на големиот концерт во Скопје се артистите кои се пласираа меѓу 12те финалисти на „Икс Фактор Адриа“ Младен Лукиќ, Маид Хеќимовиќ, Илма Карахмет, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Харис Ќато, Лукијан Ивановиќ, дуото „Х20“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4Ју“.
На концертот ќе се испејат 45 песни, меѓу кои публиката ќе има задоволство за прв пат да чуе и неколку премиерни изведби на песни на финалистите. Концертот ќе трае најмалку 120 минути.