Рускиот ТВ канал Ѕвезда соопшти дека го изгубил контактот со двајца свои новинари, испратени да известуваат од источна Украина.
Камерманот Андреј Сушенков и инженерот за звук Антон Малишев се недостапни од кога стасале на контролниот пункт во Доњецката област, информира телевизијата на својата интернет страница. Новинарите биле на пат од Доњецк кон Славјанск, пренесува ИТАР-ТАСС.
Тие влегле на украинска територија официјално на 4 јуни како акредитирани новинари заради следење на претстојната инаугурација на украинскиот претседател Петро Порошенко.
ТВ каналот прецизираше дека последен пат контактирале со колегите вчера во 17.30 по локално време и оти тогаш се наоѓале кај блокадата на Националната гарда близу селото Билбасовк, 20 километри од Славјанск.
Народната милиција во Славјанск наведува дека новинарите од ТВ Ѕвезда во градот не влегле во последните неколку часови и оти не е познато каде се наоѓаат.