Од Скопје летале авиони уште во 1928 – Еве како изгледало тогаш (Фото)


Аеродромот бил наречен “Скопје”, а се наоѓал сосем на крајот од градот, кај денешната населба “Аеродром”. Првиот патнички авион слетал во Скопје на 15 јуни 1928 год. Авионот бил од типот “Потез-29”, а превезувал 5 патници, пренесува порталот СкопјеИнфо.мк.

aerodrom skopje minato

(Аеродромската зграда на аеродромот “Скопје”)

Во 1929 год. била воспоставена авионска линија Солун- Скопје-Белград. Времето на тргнување било така планирано што на патниците и трговците од Солун им овозможувало заштеда во време. Авионите поаѓале од Скопје во 7ч. наутро, па патниците кои од Солун доаѓале во 5,45ч. можеле да продолжат за Белград. Во Белград на патниците им бил овозможен престој од 6 часа.

До аеродромот “Скопје” сообраќало посебно возило кое тргнувало од пред кафеаната “Маргер” во 6,15 наутро. Билетот за превоз од аеродромот бил бесплатен, бидејќи тој  бил пресметан во авионскиот билет. Билетот се купувала во Француско-српската банка или во агенцијата на аеродромот. За релацијата Скопје-Белград билетот чинел 450 динари, а повратниот кој важел 3 дена, 800 динари. Повластен билет можеле да користат државните чиновници, резервните офицери и офицерите. Секој патник можел да понесе 15 кг багаж бесплатно. Во прво време, најголем број од патниците биле мажи.

aerodrom skopje minato2На редовната линија Скопје-Белград сообраќало друштвото за авио-сообраќај “Аеропут”. Неговите пилоти биле многу вешти на што укажува и фактот дека немало авионски несреќи. Тоа биле пилотите Стрижевски, Јарошенк, инженер-конструктор Станисавлевиќ и др.

Во 1930 год. била воспоставена линијата Скопје-Солун. Поради добрите резултати во 1934 год. од 1 мај 1935 год. се вовела секојдневна врска на оваа релација. Цената на билетот за оваа линија изнесувала 250 дин.

Аеродромот во Скопје имал своја слава “Св. Илија” која ја прославувале секоја година на 2 август. На прославите присуствувале војската, цивилната власт и голем број граѓани. Во црковниот обред чинодејствувале свештеници од сите главни вери.

Авионите биле од француско производство од типот Потез, кои поради ограничениот простор примале мал број патници и багаж.

Во 1931 година била пуштена линијата Скопје- Подгорицa.

Со цел да се привлече поголемо внимание и интерес кај населението за военото и цивилното воздухопловство, во Скопје бил формиран аероклуб “Наши крила”. Обласниот одбор на Аероклубот организирал аероденови на кои имало приредби и популарни предавања. Аероклубот имал 5000 членови, на чело со генерал Антониевиќ. На 9.05.1933 год. бил набавен авионот “Скопје”, а истата година, со средства собрани од предавањата и аеромитинзите, бил купен нов авион “Косово”. Посетителите на аеромитинзите за 30 динари можеле да пробаат да летаат со авион.

Како куриозитет старите Скопјани го паметат слетувањето на Еми Џонсон,  една од првите жени- пилоти во светот, на скопскиот аеродром во 1930 год. при нејзиното враќање од Австралија за Лондон.

Во 1937 год. во договор со авионското друштво “Аеропут” и Сидна, Министерството за сообраќај воспоставило авионски сообраќај со Кралството и странство. Со оваа линија  стасувал и весникот “Правда” од Белград. Авионот на “Аеропут” сообраќал секој ден, освен во недела.

Од сето ова може да се изведе заклучок дека сообраќајот во Скопје меѓу двете светски војни достигнал револуционерен напредок, не толку во квантитет колку во застапеност на сите видови превозни средства.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1