Поскапеа боледувањата до 15 дена кои ги издаваат матичните лекари, а се на товар на работодавците, пишува Утрински весник.
Така, ако порано за отсуство од работа до две недели, на работникот му се кратеше 20 отсто од платата, сега за истото тоа боледување му се одбива 30 отсто од месечните приходи, или за боледување до 15 дена се исплаќа 70 отсто од платата.
Тоа е многу. Никој на оди на боледување затоа што сака, туку зошто мора. Зарем сега и болни ќе одиме на работа. Така уште повеќе ќе си го загрозиме здравјето, и од тоа корист нема да има ни газдата ни работникот“, вели една работничка која штотуку се вратила на работа и доживела шок кога ја добила платата скратена за боледувањето до 15 дена.
Со новите измени во општиот колективен договор што работодавците го договориле со Синдикатот и Владата кон крајот на минатата година, и веќе се применуваат во практиката, во сегментот на надоместоците за боледување до 30 дена кои се на товар на фирмата, повеќе нема 80 отсто исплата на плата, кое важеше за боледување до 15 дена. Односно најновиот колективен договор познава само 70 отсто плата за боледување до 15 дена и 90 отсто плата за боледување над 15 до 30 дена.
Или изразено во пари, ако работникот зема просечната плата од 21.000 денари доколку во месецот во кој бил на боледување има 21 работен ден, за отсуство од работа до 15 дена, му се одбиваа 3.300 денари. Додека за истото тоа боледување со старите правила од платата му се кратеа 1.000 денари помалку, или му се одбиваа 2.200 денари. Пред да стапат во сила новите измени, 30 отсто од платата се одбиваше само за боледување до седум дена, и како растеше бројот на денови за боледување така се намалуваше процентот на одбивање на платата заради отсуство од работа поради болест.