Лекови за главоболка, температура, болки во стомакот,воспалено грло од пред една недела без рецепт може да се купат во маркет или бензиска станица, пишува zdravstvo24.mk.
Вкупно 108 лековите од ОТЦ-листата со новите законски измени се достапни во 10 продажни места во познат ланец македонски супермаркети. Наскоро овие лекови ќе се продаваат во вкупно 45 продажни места, како и во одреден број локални маркети, а предвидено е деновиве да започне продажбата и во 86 бензински станици низ цела Македонија.
-Станува збор за лекови кои се неопходни во прв момент на појава на одредена здравствена потешкотија (главоболка, покачена телесна температура, појава на дијареа и сл.), односно во моментите кога пациентите се обидуваат овие првични здравствени симптоми да ги совладаат по пат на самолекување, пред да се јават на преглед. Особено е важно овие лекови да бидат што е можно подостапни низ целата територија на Република Македонија, бидејќи кај секој граѓанин во определен момент може да се јави потенцијална потреба од истите,вели за zdravstvo24 Катерина Алексовска, директор на Бирото за лекови.
Според Алексовска на овој начин, се овозможува зголемување на достапноста на овие лекови, особено во населените места во кои нема аптеки или аптеките се наоѓаат на поголема оддалеченост.
Согласно измените и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала кои стапија на сила на 13 февруари, утврдените лекови од ОТЦ-листата можат да се продаваат без рецепт и надвор од аптеките, односно во определените места за продажба (супермаркети и бензински станици) коишто ги исполнуваат потребните услови и кои имаат дозвола од Министерството за здравство да вршат продажба на лековите без рецепт. На полиците во маркетите и на бензиските неможе да се купат антибиотици ниту лекарства за деца.
Ваков начин на продажба на лекови од ОТЦ листата од поодамна има во САД,Англија и во многу други западноевропски земји.