Високите температури во Чешка и потценувањето на луѓето на контролата на бојлерите на гас, вчера предизвика труење со јаглерод моноксид на 15 луѓе во Прага, јави дописникот на МИА.
Зголемувањето на труењата се должи на влијанието на топлината врз правилната работа на издувните оџаци и тие мора да бидат исчистени за да функционираат правилно. Во спротивно оџаците не влечат и штетните димни гасови се враќаат директно во просториите.
Токму од такви последици само вчера на неколку различни места во чешкиот главен град интервенирале медицински екипи поради знаци на затруеност со јаглерод моноксид кај 15 лица, соопшти локалната полиција.
– Самото труење со јаглероден моноксид е многу брзо. Симптомите од труење вклучуваат главоболка, гадење, повраќање и неможност да се побегне од затруената просторија. При тешки труења отруените паѓаат во длабока кома, предупреди портпаролот на Итната помош, Клара Фикејзова.
Портпаролот на Пожарникарската служба, Никол Заоралова апелираше да се обезбедува проветрување на просториите кога се користат бојлери на гас.