Откако сопругата после помалку од две години брак го оставила и побегнала со неговиот најдобар пријател, триесет и четири годишен маж од Сиднеј се одлучил да ја освести така што венчаницата на својата поранешна драга жена ќе ја продаде преку интернет и тоа по цена од само 20 австралиски долари (или нешто помалку од 14 евра).
„Се мажите наскоро? Не планирате да останете верни? Неисполнета желба ви е да спиете со еден од најдобрите ортаци на вашиот иден сопруг? Тогаш ова е вистинската венчаница за вас!” – пишува на самиот почеток на огласот, а потоа продолжува…
„Оваа преубава рачно везена венчаница во боја на слонова коска има докажано својство да ве претвори во неверна, превртлива и издајничка “сродна” душа. Дизајнирана е од Бенедикт Арнолд, а се верува дека ткаенината која се користела за изработка потекнува од облеката на Јуда која тој веројатно ја носел во моментот кога го издал божјиот син, Исус Христос. Шиена е според “блуднички мерки” и гарантирано ќе предизвика завист кај сите присутни на свеченоста. Како посебен бонус, овој фустан ви дава за право легално да располагате со повеќе од половина имот на вашиот иден маж! Притоа, ви гарантира и две години просечен малограѓански брак, пред се во потполност да се распадне поради вашиот вонбрачен промискуитет. Што се однесува до зачуваноста, фустанот е во подобра состојба отколку самиот брак и не бара многу за возврат. Се бара најдобрата понуда!”.