Со рацете му ја држел главата и плачејќи повторувал дека убил тројца луѓе. Беа видливи повредите по неговото цело тело, но како да не беше свесен за физичката болка, туку само се клатеше и повторуваше дека убил тројца луѓе. Вака почнува исповеста на Небојша Враниќ, таткото на возачот Деспот, кој со своето „Ауди“, налета на „Голф“, по што загинаа Милица Лежимирац, Владица Матовиќ и Александар Мариќ.
Таткото си го пронашол синот во Ургентниот центар. „Ми беше зелено светло на семафорот и во последен момент, здогледав нешто црно и потоа почувствував страшен удар. Ништо не можев да направам“, изјавил Деспот, признавајќи дека мислел дека возел околу 100 километри на час, како и тоа дека таа вечер испил неколку жестоки пијалоци.
Неговиот татко наведува дека Деспот во саботата бил во Ирига, каде избила тепачка во која еден негов пријател, инаку сопственик на „аудито“, е тешко повреден. Повредениот човек бил веднаш префрлен со Итна помош во Нови Сад, а Деспот седнал во неговиот автомобил и тргнал по нив. Но по симнувањето од Мостот на слободата, се случила трагедија која на сите им го сменила животот.
„Најстрашно од се е тоа што децата загинаа. Нашиот син треба да одговара. Ние немаме зборови да ја изразиме тагата и сочувството“, вели мајката Светлана, напоменувајќи дека таа и нејзиниот сопруг секојдневно мислат на семејствата на настраданите. „Работев 21 година во Итната помош, а по струка сум медицински техничар. Спасував туѓи животи и моите деца се така воспитувани. За жал ова е се сплет на околности во кои беа одземени три млади животи, додека мојот син ќе мора до крајот на животот да живее со тој товар“, вели Небојша Враниќ.
Семејството Враниќ ги погодија приказните и претпоставките за тоа дека Деспот бил татин син, кој дивеел со скапоцен автомобил по улиците.
„Живееме од тоа што јас и мојата сопруга го заработивме од фризерскиот салон. Имаме еден автомобил стар 15 години, станот го отплаќаме на кредит… „Ауди“ не можеме да си дозволиме. Ние сме просечно семејство кое едвај крпи крај со крај“, потресно зборува Небојша.
Таткото наведува дека мномуина по несреќата, измислувале дека бил сопственик на некоја пумпа, дека има градежна фирма, како и тоа дека ја држи полицијата во дланка… Вистината е дека неодамна ја изгубил работата на бензиска пумпа.
„Знам што е да го изгубиш најдрагото на светот, затоа што го имам почувствувано. Првата трансплантација на срце во поранешната СФРЈ е направена со срцето на мојот починат брат. Потпишав дозвола за донирање на органите, а срцето на брат ми му овозможи живот на друг човек. Не го говорам ова за да се фалам, туку луѓето да сватат дека сум нормален човек“, вели во солзи Небојша.