Аерозагадувањето причина за 30 до 35 отсто од болестите


Триесет до 35 отсто од болестите се причинети од аерозагадувањето. Во сите овие години во просек околу над 1.300 животи годишно се губат поради аерозагадувањето. Скопје е меѓу најзагадените градови посебно ако се земат предвид концентрациите на ПМ 2,5 честичките.

Ова го потврдија наодите од студијата спроведена во скопскиот регион кои денеска на пленарна сесија со работилница за проценка на ефектите на загадениот воздух врз здравјето на луѓето во Скопско, ги презентираше Институтот за јавно здравје на Република Македонија.zagaduvanje-2-300x225

Пленарна сесија со работилница се одржа на Медицинскиот факултет во соработка со претставници на Институтот за здравје и благосостојба на Финска, во рамки на Твининг проектот за јакнење на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ за квалитет на воздухот.

Проф. д-р. Драган Ѓорѓев рече дека идејата е овие истражувања да се прошират и во другите градови во Македонија.

– Два битни аспекта се презентираа, а тоа е колкав е товарот на болестите од еколошка причина, пред се аерозагадувањето во државата и каква е директната поврзаност востановена на скопскиот регион. Наодите покажуваат дека Скопје е меѓу најзагадените градови посебно ако ги земеме концентрациите на ПМ 2,5 честичките, оние поопасните. Скопје е и водечки европски град од она што гостите го прикажаа – истакна Ѓорѓев.

Ако во најблиските градови Букурешт и Будимпешта годишно просечно има 30-40 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен, посочи, во Скопје има дури 70 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен и таму каде има мерење конкретно во станицата во Карпош – 56 микрограми.

– Значи речиси два пати повеќе од најблискиот европски град. Страшно високи концетрации на ПМ 2,5 честичките. Голем е товарот на оние болести кои се поврзани со аерозагадувањето: исхемичната болест на срцето, мозочниот удар и ракот на белите дробови. Три болести кои можат да се поврзат со аерозагадување се водечки причини на смрт на подрачјето на Македонија, што повторно не претставува како една од водечките земји во оваа насока – рече Ѓорѓев.

Потенцира дека вкупно околу 70.000 години на живот се губат во целата популација како ефект од аерозагадувањето.

Според него, она што било поатрактивно и поконкретно, тоа е епидемиолошката студија работена со конкретни податоци на наш терен. За таа цел, појасни, го земавме скопскиот регион, сите општини во Скопје.

– Од Заводот за статистика ги добивме месечните причини за смртност, а исто таа ги искористивме концентрациите на загадувачките материи пред се ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките. Земавме три годишен период, го продолживме на четири години. Би сакале да има и пет и шестгодишни студии бидејќи повалидните ќе бидат резултатите – истакна Ѓорѓев.

Движењето на загадувањето, нагласи, се совпаѓа со движењето на смртноста. Тој рече дека пиковите се во оние периоди кога има и највисоки пикови на аерозагадување, а тоа е зимскиот период.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека одговорноста за аерозагадувањето е на сите. Она што здравствениот сектор или Институтот за јавно здравје имаше за цел, посочи, е да прикаже што повеќе податоци и евиденција колку е ризично ова живеење во услови на токсичен смог.

– Понатаму останува сите ние да смениме некакво свое однесување од индивидуи, па до локална и централна власт. Има цела серија мерки кои треба да се преземат. Се уште истражуваме како да ја смениме свеста – додаде Ѓорѓев.

Ото Ханинен, експерт за квантификација на ризиците од Институтот за здравје и благосостојба на Финска рече дека една од главните работи историски гледано кои во Финска успеале да ги направат е промоцијата на централното парно греење како решение.

До 60-тите години од минатиот век куќите, потенцира, главно се топлеа на дрва и на јаглен.

– Кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години беа изградени централи за централно парно греење кои доведуваа топлотна енергија до сите домови во градовите. Исто така е важен и развојот на сообраќајот. Возниот парк во Финска беше еден од најстарите споредено со останатите земји од ЕУ. Меѓутоа со големата промена на возилата и обновата на возниот парк се доведе до тоа да се намалат драстично емисиите на загадувачки супстанции кои потекнуваа од издувните системи на возилата – истакна Ханинен.

Појасни дека проблемот со прашината на патиштата е се уште актуелен во Финска. – Од друга страна во 80-тите години беше направен голем напредок во индустрискиот сектор со цел да се намалат емисиите на загадувачките супстанции особено на сулфур диоксидот, додаде Ханинен.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1