Ахмети го заврши дводневното сведочење пред Меѓународниот суд за Косово


Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети денеска околу 16:30 часот го напушти објектот на меѓународната правна мисија на Европската унија во Косово – ЕУЛЕКС, каде што вчера и денеска се одржа неговиот распит од страна на истражителите на Меѓународниот суд за Косово.

Првиот распит на Ахмети се одржа вчера од 9:30 до 18:00 часот, додека денеска неговиот исказ започна во 10.30 часот и траеше пократко, односно нешто помалку од шест часа.

За разлика од вчера, кога го напушти објектот на ЕУЛЕКС со партиското возило без да даде изјава за медиумите, Ахмети денеска накратко им се обрати на насобраните новинари, нагласувајќи дека бил интервјуиран во својство на сведок, но дека не може да даде информација до завршување на процесите пред меѓународниот трибунал.

– До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот, изјави кратко лидерот на ДУИ.

Генералниот секретар на партија, Артан Груби, кој го придружуваше Ахмети во Приштина, претходно за ТВ21 изјави дека ќе се вратат во Македонија веднаш по завршувањето на интервјуто.

Како што наведуваат косовските медиуми, Ахмети е повикан од меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година. Поканата за интервју му е доставена во јули годинава.

Меѓу последните кои беа повикани во Хаг, како осомничени, се и двајца од основачите и водачи на ОВК, актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели. Денеска беше објавено дека покана од судот во својство на осомничен добил и шефот на главниот штаб на ОВК, подоцна и премиер на Косово, генералот Агим Чеку.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1