Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска се сретна со шведскиот амбасадор Матс Стафансон, со кого разговараше околу состојбата во Македонија и за преговорите меѓу политичките партии, соопштуваат од партијата.
Ахмети го информираше Стафансон дека ДУИ успеа да ги заокружи преговорите за законот за употреба на албанскиот јазик како и точките од заедничката изјава на албанските политички партии, додека за другите прашања се чекаат процедурални случувања во земјата во врска со мандатот за формирање на влада, додаваат од партијата.
Ахмети истакна дека во ДУИ сè уште не е одлучено дали партијата ќе остане во опозиција во исто време поддржувајќи малцинска влада или ќе биде дел од новата влада, исто така, ги образложи предностите и недостатоците на двете опции, велат од ДУИ.
Говорејќи за развојот на настаните во земјата, Ахмети посочи дека протестите се демократско право на изразување на незадоволство, но не треба да земат етничка и насилна димензија, со што го осуди нападот врз новинарите на вчерашниот протест.