Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, вели дека повиците за федерализација на Македонија се непрактични и ги отфрла тврдењата дека неговата ДУИ е марионета на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за БИРН тој вели дека неговата партија донела добра одлука да остане во Владата, бидејќи, според него, гласачите ја избрале нивната партија за да ги претставува, а не „за да шета по улиците“.
Според Ахмети, поделбата на Македонија на две федерални единици би билa проблематична, бидејќи многу луѓе живеат во етнички мешани средини.
– За да дискутирате за такви теми, мора добро да ги познавате конфигурацијата, географијата на земјата, нејзините населби. Како ќе направите федерација или конфедерација во која тие две федерални единици ќе имаат дефинирани граници и територии – прашува тој.
Осврнувајќи се на крвавата престрелка од мај 2015 година во Куманово помеѓу вооружени етнички Албанци и полицијата, во која загинаа 18 лица, Ахмети вели дека не можел да направи многу за да ги спречи тие два дена на насилство.
– За мене сѐ уште е мистерија кој го организирал, планирал и охрабрувал ова. Неколку пати изјавив дека познавам неколку од вооружените лица. Тие беа мои војници, во конфликтот во 2001 година. Жал ми е за нив, за нивните животи и за нивните семејства – вели Ахмети.
Тој вели дека групата го контактирала дента кога почнале судирите, но тогаш веќе било предоцна за да ја спречи ескалацијата.