По добиен список од 30 можни производители на генетски модифициран ориз, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска ги продолжува контролите на терен.
Како што соопшти директорот на АХВ Зоран Атанасов, позната е и сортата ориз добиена од генетски модифицираното семе.
Со контролите ќе се утврди кои се тие производители, по што ќе бидат преземени и мерки соодветно на законот.
– Имаме сознанија која е сортата на ориз и имаме список на лица кај кои може да се најде. Денеска екипите се повторно на терен. Детално ќе се влезе и ќе се утврди кои се тие производители. Добиен е список од 30 можни кај кои ќе се појде. Тоа ќе се реализира во соработка со Управата за семе и саден материјал при МЗШВ, истакна Атансов, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Стопанската комора за измените на Законот за ветеринарни лекови.
Според директорот, контролите се зајакнати не само во земјава, туку и на граничните премини при увоз. Се подготвува план за контрола на годишната, но и на реколката ориз за 2019.
Директорот Атанасов напомена дека одговорноста за увезеното семе не е надлежност на АХВ туку, како што рече, на друга институција.