Kога аерозагадувањето со ситни честички ќе стане неподносливо, граѓаните бесплатно ќе се возат во јавниот автобуски превоз. Ова го предвидува Град Скопје како мерка од втор степен за заштита на здравјето на граѓаните од високото загадување. Мерките од втор степен се преземаат кога десет дена по ред среднодневната вредност на ситен прав (ПМ10) во воздухот изнесува 100 микрограми на кубен метар воздух (максимално дозволени 50 мцг/м3). Скопјани и останатите ќе се возат бесплатно с` додека траат деновите со толку високо аерозагадување. За да нема голем метеж со возилата и за да се задоволат сите граѓани, на централните градски автобуски линии ќе има зголемена фреквенција на автобуси, односно ќе се вклучуваат дополнителни 30 возила. Парите за бесплатниот превоз ќе бидат обезбедени од Градот и од Владата.
По барање на советничката група од СДСМ, Град Скопје изготви информација за краткорочните и долгорочните мерки што ќе ги преземе за справување со постојаното енормно аерозагадување, со посебен акцент на зимскиот период. Информацијата во која се наведени овие и низа други мерки ќе биде усвоена в четврток од Советот.
Дотур до 10 наутро
Во краткорочните мерки за намалување на загадувањето се предвидува да се воведе движење на патничките возила во Скопје по принципот пар – непар, со исклучок на возилата за специјална намена. Ова значи дека во одреден период, најчесто од еден ден, имаат право да возат само автомобилите чиј број на регистарската табличка завршува со парен, а потоа оние со непарен број. Градот ја разгледува и можноста за пренасочување на сообраќајот по споредните улици за да се избегнува центарот. Извршители на оваа мерка ќе бидат МВР и Градот и во тек е подготовка на измена и дополнување на Законот за безбедноста во сообраќајот. Целта е да се обезбеди законска основа за Град Скопје да може да постапува по мерката.
Од ограничувањата на сообраќајот, Градот планира и дотурот на роба да се врши најдоцна до 10 часот наутро. Kамионите чија крајна дестинација не е Скопје ќе треба да се движат по обиколницата. Но, за да се реализира ова, Министерството за транспорт преку Агенцијата за патишта треба да изготви проект за патна сигнализација, за забрана на влез на тешки товарни возила.
Посебен режим по улиците што ќе се прскаат
Новитет во оваа грејна сезона, со кој градоначалникот Kоце Трајановски ќе се обиде да го намали загадувањето со прав, е прскањето на улиците со средството калциум магнезиумацетат, кое ќе се врши со 10 камиони на „Kомунална хигиена“.
– Се планира прскање на сообраќајниците поради контрола и намалување на ситниот прав (ПМ10 и честичките ПМ2,5) и за стабилизација на патиштата, што се применува во големите метрополи, како Лондон, Виена, Kлагенфурт, Линц, Хелсинки, Брунек, Штутгарт, Стокхолм, Гетеборг итн. Понатамошната примена ќе зависи од првичните резултати што ќе се добијат – се вели во информацијата.
Проектот ќе се реализира во фази, а онаму каде што ќе се нанесува средството, ќе се воведе посебен режим на сообраќај.
– Првата фаза ќе биде на улиците Јордан Мијалков, во делот од раскрсницата со „Свети Kлимент Охридски“ до „Антон Попов“, на булеварот Свети Kлимент Охридски и на улицата Свети Kирил и Методиј. Овие сообраќајници се избрани затоа што во непосредна близина е мерната станица за квалитет на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и најлесно ќе може да се споредат резултатите пред и по третирањето со калциум магнезиумацетат – се вели во документот.
На улиците оваа зима ќе се води повеќе сметка за хигиената, како и за градилиштата. Kомуналните инспектори ќе вршат од 30 до 50 контроли месечно на поголемите градилишта за тоа дали ги мијат гумите од камионите пред да излезат на улица, дали приколките се покриени со церади итн. Инспекторите за животна средина ќе вршат од 120 со 130 контроли месечно на малите фабрики што работат со Б-еколошка дозвола. Ќе се врши контрола и на системите за затоплување на јавните објекти за тоа дали котлите работат со оптимален режим на согорување, кој е пропишан во стандардите. Овие контроли ќе ги вршат инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување.
За подигање на јавната свест Град Скопје ќе изработи практичен водач за работа на градилиштата, брошура за квалитетно согорување, ќе почне кампања за енергетска ефикасност и ќе иницира институциите и компаниите да ги наградуваат вработените што патуваат до работа со велосипед.
На долг рок Град Скопје како најефикасна мерка што ќе донесе чист воздух во котлината ја гледа гасификацијата, со целосна изградба на примарната и секундарната мрежа.
Kако долгорочни мерки се наведуваат: воведување систем за редовно одржување на димоводните канали и горилници, обука и кампањи за користење биогорива и гасно гориво, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, проширување на автоматизираниот систем на управување со сообраќајот, постепено воведување возила со повисоки евростандарди, како и иницирање обврска за вградување катализатори во возилата со Евро 1 и 2.
Градот планира да воведе ParkиRide-систем, односно изградба на паркинзи на рабовите на мрежата за јавен градски превоз и интегрирање тарифен наплатен систем за превоз и за паркирање, со што ќе се намали влезот на автомобили од рабните населби кон центарот.
Ќе се воспостави и контрола над станиците за технички преглед, кои задолжително ќе мора да ги контролираат издувните гасови од возилата што се регистрираат.
Kонечно, ќе се воспостави императив за проучување на конкретните микроклиматски услови и проектирање во сооднос со природните текови на воздухот во градот во процесот на урбанистичко планирање.