Ниските температури на економичните програми за перење кои што се овозможени кај модерните машини не се доволни за убивањето на бактериите, па тие често се пренесуваат на долната облека, пешкирите и крпите, а тоа може сериозно да го загрози човековото здравје.
Според истражувањето на британското Здружение за хигиена, околу 0.1 грам или 10.000 фекалии остануваат на “чистите” гаќи по перењето на ниски температури, а бактериите од истите лесно се пренесуваат на другата облека или постелнината, пренесува “Daily Mail”.
“Луѓето веруваат дека облеката по секое перење е чиста, но постои разлика помеѓу површно чистото и хигиенски чистото”, изјавила водителката на студијата, докторката Лиса Акерли.
Таа додала дека економичните и другите програми за перење на ниски температури не се проблематични само поради остатоците од бактерии, туку и поради паралелната контаминација, односно преминувањето на бактериите на другите предмети во машината.
Така, предметите на кои што доаѓаат бактериите, како што се пешкирите и кујнските крпи, доаѓаат во директен контакт со човековото тело и лесно предизвикуваат најразлични болести. Бактериите на влажната облека се најопасни затоа што доаѓаат до рацете на луѓето при простирањето, а оттаму лесно стигнуваат и до устата.
Совети за поголема хигиена при перењето на долната облека:
● Барем еднаш во месецот потребно е било кое парче облека да се испере на 90 °C, се со цел да се исчисти внатрешноста на машината од бактерии.
● Постелнината и долната облека треба да се перат одвоено од пешкирите, особено кога се пере на ниски температури.
● По завршувањето на перењето, вратата од машината треба да се остави отворена одредено време затоа што воздухот го редуцира размножувањето на бактериите во внатрешноста.
● Редовно чистете ја вратата од машината и просторот во кој што го ставате детергентот и омекнувачот.
● По секое вадење и простирање на долната облека темелно измијте ги рацете.
● Доколку ја перете долната облека на пониски температури без средства за дезинфекција, облеката добро исушете ја и задолжително исперете ги рацете по простирањето на облеката.