ЕУ со нетрпение очекува да се надмине долгорочната политичка криза преку договорот од Пржино посредуван од ЕУ и САД и прифатен од главните политички партии, со јасни насоки во тој правец за одговорност и ставање на прво место на интересите на земјата. Тие насоки се клучни не само за имплементација на овој договор, туку и за имплементирање на неопходните реформи за подобра иднина на вашите граѓани.
Ова денеска го нагласи новоименуваниот евроамбасадор Самуел Жбогар, кој му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Тој потенцира дека функцијата на која доаѓа истовремено е привилегија, но и предизвик.
Претседателот Иванов изрази уверување дека за време на неговиот мандат дополнително ќе се зајакнат и развијат меѓусебните односи и ќе се продлабочи активната соработка во сите сфери.
Нагласувајќи дека членството во ЕУ за Република Македонија е највисока стратешка цел, Иванов изрази надеж за што побрезо деблокирање на евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, истакна, сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичката култура во државата и на културата на дијалог и компромиси
– Не станува збор за алиби со кое би се оправдале некои внатрешни состојби, напротив, станува збор за реален факт со реални импликации. Постојаното одлагање на почетокот на пристапните преговори се покажа како контрапродуктивно. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот реигон и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние сме подготвени да го преземеме својот дел од задачата за иднината на ЕУ – му порача претседателот Иванов на новиот евроамбасадор Жбогар.
Иванов верува оти Унијата ќе го исправи досегашниот „погрешен пристап“ кон Македонија.
– Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза – истакна претседателот Иванов и додаде оти во таков случај постои опасност од опаѓање на довербата и поддршката од граѓаните, кои членството во ЕУ го гледаат како фактор за подобра иднина.
Според Иванов, блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот. Тој изрази надеж дека ЕУ и земјите-членки ќе покажат поголемо разбирање за геоплотичките предизвици, уважувајќи го меѓуанродното право преку почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
– Република Македонија одговорно и со сопствени сили одговори на предизвиците од бегалската и мигрантска криза. Повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон РМ во поглед на справувањето со предизвиците кои произлегуваат од актуелната криза со бегалците – рече Иванов на предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот евроамбасадор Жбогар.
Додаде оти Македонија имала разумни барања, поврзани со безбедносниот аспект на бегалската криза, кои долго време биле игнорирани. Се надевам, подвлече, дека ова нема да биде пракса, туку исклучок.
– Од друга страна благодарен сум за севкупната помош која РМ и нејзините граѓани ја имаат добиено во многу сфери. Остануваме посветени на спроведување на неопходните реформски процеси и очекуваме ЕУ, не само декларативно, туку со конкретни чекори да ги охрабри напорите на нашата земја на патот кон нејзината целосна интеграција – порача претседателот Иванов.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека мора да бидеме посветени на вредностите на ЕУ, демократијата, дијалогот, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
– Земјите членки на ЕУ и солидарно се повразани со земјите – партнери, што го покажавме во неколку цивилни катастрофи и за време на мигрантската криза – рече Жбогар, додавајќи оти РМ не е сама на патот на исполнувањето на реформите, а успехот во овој процес ќе овозможи РМ да го заземе местото меѓу нејзините пријатели.