Професорот Роберт Рајх, кој во 90-тите дури и бил секретар за работа во администрацијата на Бил Клинтон, предвидува дека естаблишментот со игнорирање на проблемите и акумулираниот бес ќе доведе до појава на трета партија на следните избори, што во целост ќе ја промени политичката карта на светот.
Оваа американска претседателска кампања – како внатрепартиската во која кандидатите се борат за номинација, така и оваа официјалната која се води помеѓу демократката Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп – никого не остава рамнодушен.
Од луѓето на Вол Стрит до жителите на Бангладеш, изгледа дека сите се заинтересирани што се случува и сите имаат свој фаворит. Ваква поларизација досега не се памети, па не чуди што и експертите имаат свое мислење.
Роберт Рајх е угледен професор од Беркли, кој во 90-тите години бил и секретар за работа во администрацијата на Бил Клинтон. Човек би помислил дека денес ќе ја поддржува Хилари, но не, тој го поддржувал Берни Сандерс.
Пред да стане јасно кој од двете партии ќе ја освои номинацијата, напишал авторски текст кој го објавил на својот блог. Во него се претпоставува дека ни Сандерс ни Трамп нема да бидат официјални кандидати, но поради тоа што политичкиот естаблишмент преку своите масмедиуми го уништува Трамп, а ја возвишува Хилари и со тоа директно го формира јавното мислење, мислиме дека неговата прогноза се уште важи. Секако, доколку Клинтон благодарение на тоа победи и ништо не се промени.
А што вели професор Рајх? Неговиот текст е напишан во форма на историска рекапитулација, па го пишува од перспектива на некој кој живее во наредната деценија и знае што се случило во периодот помеѓу 2016. и 2020. година.
Владетелите, “естаблишментот”, ќе продолжи да ги затвора очите и нема да го гледа растечкиот бес меѓу независните гласачи, меѓу младите и средната класа коа гласа за демократите и меѓу белата работничка класа кај републиканците, бес кој е насочен против нив, против естаблишментот.
Благодарение на тоа што ќе одбијат да признаат што се случува, сè ќе продолжи по старо. Шаката милијардери ќе продолжи да ги влече конците и самата да си обезбедува привилегии наспроти општото добро, а ќе го спроведе дури и Транспацифичкото партнерство.
Политичарите ќе продолжат да ги намалуваат даноците за големите корпорации и истовремено да ги зголемуваат федералните субвенции за истите тие корпорации, да ги прошируваат дупките во законите и да го сечат дотокот на пари за социјална помош и таканаречената “Obamacare”.
Истовремено, поголем дел од Американците ќе ја изгубат земјата под нозете. Дури и пред рецесијата која ќе го погоди светот во 2018. година, обичниот човек ќе заработува многу помалку отколку во 2000. година, работодавците ќе вработуваат сè поголем број на луѓе на одредено време, така што луѓето нема да знаат колку пари можат да заработат неделно, и бројот на сиромашни ќе се зголемува.
На Вол Стрит директорите ќе имаат сè поголеми и поголеми плати, па на крајот ќе дојде до рекорден број на милијардери, и до рекорден број на милијардери кои ќе стануваат мултимилијардери.
А тогаш ќе дојде таа рецесија во 2018. година, и државата повторно ќе мора да ги спасува големите банки кои се “преголеми за да пропаднат”, бидејќи ако пропаднат со себе ќе ја повлечат цела економија.
Секако, новиот секретар за финансии, поранешен управен директор на банката “Морган Стенли” ќе каже дека мора така, но дека во иднина ќе бидат многу остри кон банките и нема да дозволат тоа да се случи трети пат, но јавноста овој пат нема да поверува. Ќе се појави политички вакуум кој ќе го исполни…Народната партија.
Тоа ќе биде трета партија, која според мислењето на Роберт Рајх, ќе го разбие двопартискиот систем во САД.
Нејзината платформа ќе повика на протерување на парите од политиката, на уништување на “измамничкиот капитализам”, на сопирање на субвенционалните корпорации, на сопирање на “вртечките врати” меѓу владата и приватниот сектор и на разбивање на големите банки од Вол Стрит и корпоративните монополи.
Народната партија исто така ќе вети дека ќе го повлече потписот од Транспацифичкото партнерство, дека ќе ги зголеми даноците за богатите за да тие ги финансираат субвенционалните плати на обичните луѓе кои заработуваат под просекот, и дека ќе ги зголеми даноците за корпорациите кои работат во странство или им плаќаат на своите директори 100 пати поголема плата од таа на просечниот Американец.
Народот ќе гласа за нив. Милионите кои себеси се нарекувале конзервативци, рамо до рамо со милионите кои себеси се нарекувале либерални и прогресивци – сите заедно ќе востанат против политичкиот естаблишмент кој не бил во состојба да го слушне тоа што тие со години го барале.
Доколку прогнозата на Др. Рајх биде точна, тоа веројатно ќе биде крај на Америка каква што ја знаеме.
Бидејќи, Америка каква што знаеме е производ на тоа што последните два и пол века го изградил двопартискиот систем кој овозможува стабилна внатрешна и надворешна политика, и покрај несогласувањата на двете партии.
Всушност, тие две партии сами по себе се како фракција на една партија, а САД повеќе се еднопартиски систем.