Грчкиот министер за одбрана Димитри Аврамопулос со обид за навреда одговори на прашањето на Македонската информативна агенција, дали при посетата на Вашингтон со американскиот колега Чак Хејгл го отворил прашањето на спорот за името. Аврамопулос, чиј кабинет во текот на целиот ден се обидуваше да избегне средба на која би можел да биде прашан за спорот за името, конечно одговори со сугестија дека Македонците треба да зборуваат грчки.
– Од каде сте? Македонија? Па зошто тогаш не зборувате грчки?, одговори Аврамопулос на прашањето на дописникот на МИА, по што набрзина се повлече на страна.
Грчкиот министер за одбрана, кој до неодамна беше шеф на грчката дипломатија, во Пентагон имаше куса средба со секретарот Хејгл. Согласно информациите од американскиот Секретаријат за одбрана, на средбата не станало збор за спорот за името.
Портпаролот на Аврамопулос дури се обидуваше да го спречи присуството на МИА на церемонијата на дочекот во Пентагон, каде грчката делегација беше гостинска, како и на Споменикот на американското воено воздухопловство, меморијален центар отворен за јавноста, каде Аврамопулос ја даде својата изјава, не сакаше да прифати прашања ниту од единствениот друг медиум, Гласот на Америка на грчки јазик, кој дојде да ја проследи неговата посета.