Ако студот продолжи од понеделник може да започне грејната сезона


Грејната сезона ќе започне во понеделник доколку продолжи трендот на дневна температура пониска од 12 степени, информира претседателот на Регулаторна комисија. Вели дека производителите и снабдувачите со топлинска енергија се подготвени грејната сезона да започне на 01.10.2018, наместо на 15.10.2018, како што предвидуваат правилата.

“Нејќевме со прерано започнување на сезоната и во невообичаени режими на работа на топланите во Скопје непотребно и значајно да ги зголемиме нивните трошоци бидејќи на крајот на краиштата тоа ќе се одрази врз цената на граѓаните”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторна е во постојана координација со Управата за хидрометеоролошки работи, од каде информираат дека се очекува благ пораст на температурите. Но, работат на тоа преку промена на законската регулатива да се овозможи старт на грејната сезона и во септември доколку е неопходно.

“Ќе ја разгледаме и можноста и за оваа опција да биде и порано од 1-ви октомври, но пред сè мора да го видиме и финансиското влијание врз вкупните трошоци за работење”, информира Бислимовски.

Инаку, во врска со методологијата за одредување цена на нафтените деривати, од Регулаторна велат дека треба да донесат нова методологија, бидејќи согласно Законот сегашниот начин на пресметка ќе се применува до јули следната година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1