Холивудската филмска легенда Деби Рејнолдс (84) почина синоќа во Лос Анџелес, само еден ден по ненадејната смрт на нејзината ќерка, актерката Кери Фишер.
Веста за смрта на Рејнолдс ја соопшти нејзиниот син Тод Фишер. Тој изјави дека мајка му починала в болница, по претрпениот мозочен удар.
– Таа сакаше да биде со Кери, изјави Тод Фишер за холивудскиот весник „Вараети“.
Претходно, тој им соопшти на медиумите дека здравјето на Деби Рејнолдс ненадејно се влошило и им порача на пријателите и на сите кои ја познаваат „да се молат за нејзиното оздравување“.
Деби Рејнолдс е најмногу позната по својата улога во прославениот мјузикл „Пеејќи на дождот“ како партнерка на Џин Кели.
Во 1964 година, Рејнолдс беше номинирана за наградата Оскар за најдобра женска улога.
Кери Фишер (60), која почина од последиците на срцевиот удар што и се случи за време на лет од Лондон до Лос Анџелес, е дете од бракот на Рејнолдс со американскиот пејач и актер Еди Фишер.
Овој холивидски брак беше прекинат по само четири години, поради љубовната афера на Фишер со филмската ѕвезда Елизабет Тејлор.
Деби Рејнолдс тешко ја прифати ненадејната смрт на својата ќерка Кери, иако тие двете, долги години воопшто не комуницирале, поради проблемите на ќерката-актерка со дрогата и нејзиниот непријателски однос кон мајката.
Но, подоцна ги имаат обновено односите и станале мошне блиски.