Во голема акција уапсени се 25 лица од Судот за прекршоци во Скопје. Приведени се 14 судии и 11 судски службеници кои се осомничени за несовесно работење со што ја оштетиле државата за повеќе од еден милион и триста илјади евра. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска предмалку на прес конференција изјави дека групата осомничени се обвинети за злоупотреба на службено овластување.
Злоупотребата на службената положба е во периодот 2012 и првото тромесечие од 2013 за над осум илјади предмети во прекршочна постапка. Според МВР, осомничените по брза постапка носеле пресуди, но случаите ги држеле во фиока се додека делото не застари.
Самите измислиле печат на кој пишувало дека процесот запира поради застарување на делото. Дури потоа ги носеле делата во судската писарница. За своите услуги, осомничените судии и службеници добивале “честење“ а во некои случаи и дел од предметите ги чувале поради лична услуга.