Сафет Адемоски од струшкото село Подгорци денеска се придружи на коњаницата која на 2 Август ќе стигне на Мечкин камен во Крушево на одбележувањето на 110-годишнината од Илинденското востание, пишува Нова Македонија.
Четириесет и петгодишниот Македонец -муслиман, тргна облечен во комитска облека а неговата цел, како што вели, е да се поклони пред споменикот на паднатите борци во Илинденското востание.
– Ова беше мојата животна желба за која се подготвував неколку години. Годинава целосно подготвен ќе го посетам Мечкин камен во Крушево и ќе им се поклонам на паднатите борци. Апел до сите Македонци- муслимани, Турци, Албанци, Роми и сите останати, без разлика на етничката припадност да го продолжиме овој пат, сите заедно, сложно. Тоа е наша должност, да се поклониме на сите борци кои се бореле за оваа наша земја и за нејзината слобода, вели Авмедоски.
Иако не наишол на голема поддршка кај македонските муслимани од неговото село, како што нагласува, на овој храбар чекор се одлучил во интерес на мултиетничкиот соживот во селото и воопшто во Македонија.
– Погрешно сум сфатен од мојот народ, тоа не го прифаќаат, гледаат со други очи. Од мојата фамилија догодина ќе има и други. Од другите семејства не знам, а би сакал да има, да се приклучат да одиме таму, зашто тоа е многу значајно место за нас, за цела Македонија и за сите што живеат во неа, додава Авмедоски.
Подгорчанецот Авмедоски тргна низ струшките села кои водат, како што рече и самиот до славна Дебрца, од каде ќе го продолжи патот до историското Крушево.