Античките Македонци – омилени стражари за туристите – еве како се избираат


Станува збор за туристичката стража, која секојдневно го обиколува центарот на градот и на туристите им го пренесува своето знаење за историјата и значењето на објектите во главниот град, а исто така им служи за создавање фотографии, кои прават преплет на старото време со новото. Овој проект првпат се реализираше пред две години, во организација на Бирото за туризам и информации на градот во соработка со ДКЦ „Карпош“, а плоштадите „Македонија“ и „Карпошово востание“ се локациите каде што ќе може да ги сретнете секој ден, од 10.30 до 12.30 часот.

Пушките, копјата и опинците најинтересни

plostad-foto222Античките Македонци велат дека немаат простор да здивнат од работа, бидејќи странските туристи најмногу се интересираат за нивните копја, шлемови и штитови, а исто така бараат одговори на многу прашања поврзани со Античка Македонија.
– Странците буквално трчаат за да се фотографираат со Античките Македонци, а доста интерес покажуваат за историските приказни од времето на Александар Македонски, Филип Втори и фалангата. Досега најмногубројни се туристите од Јапонија, Холандија и од земјите од поранешна Југославија – велат туристичките војници.

За да им биде поинтересно и поисполнето работното време на комитите и на партизаните на сцена настапуваат скопските пензионери, кои веднаш им ги преземаат улогите и почнуваат да ја раскажуваат историјата според своето гледиште, а исто така не се оставаат и без коментар за облеката и пушките.
– И ние меѓусебно се шегуваме за тоа дека пензионерите се многу „понезгоден“ противник за комитите отколку што биле Турците во времето на Гоце Делчев. Тие најчесто се интересираат за опинците и пушките, а исто така раскажуваат свои приказни од историјата – велат маскираните комити.

Честопати има и цели предавања на одредена тема од историјата кога е во прашање нашата држава. Тие признаваат дека оние од античкиот период се најпопуларни и најчесто се наоѓаат на фотографиите од странците што минуваат низ градот. Во некои денови се прават и по стотина фотографии, кои ќе завршат во албумите на туристите од целиот свет.

– Многу често спомениците остануваат во наша сенка. Цели групи чекаат ред да се фотографираат со нас – вели еден од туристичките стражари, кој е облечен во униформа на фалангата.

Како се избираат стражарите?

![63]Во моментов се ангажирани осум младинци, кои треба да ја промовираат оваа туристичка атракција, а тие најчесто се студенти и матуранти, препорачани од Културно-информативниот центар во Скопје. Оттаму појаснуваат дека не водат строга евиденција колку средби или фотографирања се направени со туристичките стражари, но сигурни се дека будат голем интерес речиси кај секој странец. Не ја исклучуваат можноста во иднина туристичката стража да се прошири или развие во друг облик.

– Секојдневно се зголемува бројот на домашни и на странски туристи што го посетуваат нашиот град и се интересираат за културно-историските споменици во центарот на Скопје. Сите имаат претходно завршена обука за да го добијат знаењето што треба да им го пренесуваат на туристите. Нивната работа е да ги забавуваат минувачите и да се фотографираат со секој што е фасциниран од нивната појава – вели Валентина Георгиевска, раководителка за човекови ресурси на градот.

Од ДКЦ „Карпош“ објаснуваат дека кандидатите што сакаат да бидат дел од туристичката стража најпрво треба да бидат на возраст од 19 до 23 години, да зборуваат англиски јазик, да имаат познавање за периодот што го претставуваат и да знаат доволно информации за спомениците што се поставени низ градот.
Стражарите ќе бидат на своите работни места сѐ додека трае туристичката сезона, односно до ноември оваа година.

Nova Makedonija

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1