Државната комисија за спречување на корупцијата поведе две прекршочни постапки и побара од УЈП да ја испита имотната состојба на кандидатот за градоначалник на Центар од „Сојузот за иднината“, Андреј Жерновски, поради сомневање дека ја криел од надлежните институции, пишува Дневник
– ДKСK заклучи дека Жерновски давал неточни и нецелосни податоци за својот имот, кои се разликуваат во повеќе сегменти, односно во адресите, посочените квадратури, основата на стекнување на имотот и во деловите врз кои лицето има право на сопственост, односно на користење имот – се вели во соопштението од Kомисијата.
Еден од спорните моменти во целата оваа приказна е купопродажбен договор од кој се гледа дека Жерновски во 2007 година купил стан во елитната населба Водно од фирмата „Венекс“. Станува збор за стан од 91 квадрат по цена од 790 евра за квадратен метар, која е помала од пазарната цена, која во овој регион е 1.400 – 1.600 евра за квадратен метар.
Оваа дампинг-цена, за многумина и не е чудна ако се види дека фирмата „Венекс“, која му го продала станот, пред тоа го добила договорот за концесија на шесте паркинзи на Kлинички центар во Скопје во време кога со Скопје раководел Ристо Пенов, а Жерновски му беше советник и еден од најблиските соработници. Целата ситуација е уште посомнителна ако се земе предвид дека фирмата „Венекс“ е регистрирана на адресата на која е и домот на Жерновски.
Dnevnik