Кривичниот совет по однос на жалбата која Едмонд Темелно ја поднесе по неговото апсење донесе решение со кое истата се уважува, со што е утврдено дека неговото лишување од слобода било направено незаконито.
Кривичниот совет во образложението на донесеното решение наведува дека правосудната полиција може без одлука на суд да лиши од слобода лице доколку се исполнат три услови, а тоа е да постојат основи за сомневање дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, и само ако постои опасност од одлагање или постои некоја од причините за притвор од чл. 165 ст.1 од ЗКП. Во образложението се додава дека во конкретниот случај, видно од службената белешка за лишување од слобода составена од СВР Битола, полициската станица во Ресен во причините за лишување од слобода наведени се само членови од КЗ за кои се гони по службена должност, додека останатите решавачки околности кои треба да се исполнат за примена на оваа одредба не се наведени, што значи дека не постоеле.
Од друга страна во записникот за претрес на лице од страна на службеникот за прифат е наведено дека лицето било лишено од слобода по барање на Јавниот Обвинител, а такво барање не е доставено кон списите за лишување од слобода. Понатаму, во записникот за задржување на обвинетиот е констатирано дека со тоа лице е „работено“ со инспектори од страна на СВР Битола, а не е јасно што и во која насока.
-Ваквото постапување на полицијата лишувањето од слобода на осомничениот го прави незаконито. Лишувањето од слобода од страна на полицијата без одлука на суд е таканаречено апсење без наредба што претставува исклучок од правилото дека некое лице може да се лиши од слобода само со наредба на судот. Опасноста од одлагање или причина за притвор согласно чл. 165 ст.1 од КЗ во конкретниов случај отсуствува, на што упатуваат и околностите дека предистражната постапка спрема обвинетиот била започната уште во текот на 2015 година, обвинетиот бил лишен од слобода од страна на полицијата во својот дом, а ниту судот не најде основи за определување на мерка притвор по предлогот на Јавниот Обвинител. Околноста што во записникот на полицијата е наведено дека лишувањето од слобода на обвинетиот било по барање на Јавниот Обвинител уште повеќе ова лишување го прави незаконито, бидејќи според ЗКП, Јавниот обвинител може да бара лишување од слобода на обвинетиот до надлежниот суд кој единствено е овластен да издаде наредба за лишување од слобода, дотолку повеќе што јавниот обвинител бил известен од страна на овластениот службеник на полициската станица од општа надлежност во Ресен, што се утврди од службената белешка за лишување од слобода. Незаконитоста во постапувањето се гледа и во околноста дека со обвинетиот било “работено“ од страна на СВР Битола кога бил задржан од страна на службеникот за прифат, бидејќи полицијата според ЗКП не е овластена да зема изјави од обвинети, стои во образложението на Кривичниот совет.
Kurir.mk