Четири лица загинаа денеска кога мал авион се урна врз зградата на аеродромот „Мид Континент“ во Вичита во американската сојузна држава Канзас, соопштија локалните власти.
Шефот на противпожарната бригада Бред Крисп изјави дека по падот на авионот избил голем пожар, бидејќи леталото удрило во аеродромската зграда. Тој додаде дека во зградата загинале најмалку четири лица, а петмина се повредени.
Четворица и натаму се водат како исчезнати, но потрагата по нив е стопирана откако било проценето дека е премногу опасно спасувачите да го пребаруваат урнатиот дел од зградата.
Пожарот е ставен под контрола, а на телевизиските снимки се гледа како од зградата се крева голем сив облак од чад.
Авионот од типот „Бичкрафт“ се урнал откако по полетувањето му откажал моторот, соопшти американската Управа за безбедност во сообраќајот.